1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турнеја во знак на симболи

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон денеска патува во Пекинг, нејзина последна станица од турнејата низ Азија. Новата американска администрација сака да ја прошири соработката со најбројната земја во светот.

default

Хилари Клинтон најавува нова политика

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон воочи патувањето за Пекинг соопшти дека Вашингтон сака да соработува со Пекинг. „Во времето на поранешниот претседател Џорџ Буш, соработката се концентрираше еднострано само на трговската размена. Во иднина сакаме таа да се прошири и на прашањата за безбедноста и климатските промени“, рече Клинтон. За време на дводневниот престој во Кина таа ќе разговара со нејзиниот колега по функција, Јанг Ѓичи, премиерот Вен Ѓијабао и претседателот Ху Ѓинтао.

Hillary Clinton Ankunft in Seoul

Клинтон при посетата на Сеул

Порака до Северна Кореја

Кина е четврта станица на азиската турнеја на Клинтон. Претходно таа ги посети Јапонија, Индонезија и Јужна Кореја. По синоќешните разговори со јужнокорејското раководство во Сеул, Клинтон на прес-конференција упати порака до Северна Кореја да не употребува изјави на провокации, туку да ја исполни обврската за откажување од програмата за развој на нуклеарно оружје. Клинтон истовремено предупреди дека последните закани од Северна Кореја за ракетен тест се провокација и не придонесуваат за позитивен развој. Клинтон додаде дека Пјонгјанг нема да ги подобри односите со САД, доколку одбива диалог со Сеул:

„Северна Кореа треба да се откаже од какви било провокации што можат да им наштетат на шестпартитните преговори и да предизвикаат тензии во регионот. Ќе разговараме со нашите партнери за да утврдиме најдобар пристап кон Северна Кореја, односно да презентираме заеднички фронт, во кој ќе бидат опфатени сите прашања кои се од интерес. Меѓутоа во моментов е најитно Северна Кореја да продолжи со процесот на затворање на нуклераните постројки и исполнување на ветувањата за откажување од нуклеарната програма“.

Обвинувања од Пјонгјанг

Реакцијата на Клинтон доаѓа откако официјален Пјонгјанг ги обвини САД дека подготвуваат атомски напад врз Северна Кореја. Истовремено беше упатена порака дека земјата е подготвена за војна со Јужна Кореја. Експертите сметаат дека Северна Кореја во наредните недели ќе ги обнови пробите на ракетите со долг дострел од типот Таеподонг-2, кои можат да достигнат до американската сојузна држава Аљаска. Инаку Хилари Клинтон за време на престојот во Сеул соопшти дека Стивен Босфорт е новиот специјален претставник на САД за Северна Кореја.