1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Турк е нов претседател на Словенија

Кандидатот на левицата и поранешен службеник во ОН, Данило Турк, е нов претседател на Словенија. Според изборната комисија во Љубљана, по речиси сите пребројани гласови, 68% од избирачите му ја дале довербата на Турк.

default

Љубљана

Противкандидатот на Турк, конзервативецот Лојзе Петерле освои 31% гласови.

“Ова е празник на демократијата“, беа зборовите со кои задоволниот Данило Турк ги прокоментира резултатите од претседателските избори, додавајќи: “Резултатите не ги сфаќам во смисла на победа, туку ги ставам во категоријата успех на сите нас“.

Јасната победа на Турк, кој ја имаше поддршката опозиционите социјалдемократи, се смета за тежок пораз на премиерот Јанез Јанша. Според првите коментари, граѓаните ја казниле владата за бранот поскапувања по воведувањето на еврото и високата стапка на инфлација од 5,1%.

Турк “играше“ чесно

Поразениот Лојзе Петерле, по објавувањето на резултатите му честиташе на Турк на, како што рече, “чесната игра“. Признавам дека ваква разлика не очекував, изјави тој.

Новиот словенски престедател најави дека победата ќе ја прослави бучно. Неговата земја го презема претседавањето со ЕУ на први јануари 2008 година. Прашан каква ќе биде неговата политика кон Западниот Балкан, Турк рече дека ќе се залага за активна и принципиелна политика. Воените злосторства во Босна и херцеговина мора да бидат казнети, а кога станува збор за Србија и Косово, Турк смета дека сеуште има време за преговори. “Јас не прифаќам песимистички сценарија, сеуште има место за преговори. Големите сили мора да влијаат на тоа да се дојде до разумно решение“, изјави новиот претседател на Словенија.