1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Туристите се враќаат во Дојран

Вербата во лековитата кал и вода летово го преполнија Дојран со туристи, враќајќи му го стариот сјај на градот. Во Општина Дојран имаат многу планови за развојот на туризмот, а и наскоро да привлечат и странски туристи.

default

Дојран во 2010 година има успешна туристичка сезона, заклучува Магда Кречова од Информативниот центар на Општина Дојран. Таа е презадоволна од ваквиот биланс.

„Презадоволни сме од туристичката сезона оваа година. Можам да кажам дека Дојран го има оној сјај од пред 20 години, за кој зборуваат сите, а мојата генерација речиси и не го памети. Се бара место повеќе, а ние сме на страната на туристите и се обидуваме на секој начин да им помогнеме‘‘.

Боро Трпчевски од Велес го сретнавме во водите на Дојранското Езеро, вели дека во Дојран е повторно по 15 години, не е како некогаш, но дека сепак годинава по многу години Дојран е повторно заживеан како во златните времињата од неговата младост.

„Имавме кампови, кампувавме во Мардаја седум-осум до десет години. Навистина е добро во Дојран, посебно водата поволно влијае на здравјето на децата‘‘.

Дека по пет-шест години Дојран повторно има успешна туристичка сезона заклучува и Жан Таушанов, кој е тука со години со семејството.

„Подобро е споредено со претходните пет-шест години. И водостојот во езерото е нараснат“.

Dojran See in Mazedonien

Во Дојран доаѓаат по здравје

Најчесто туристи во Дојран се семејствата со мали деца на кои им е нарушено здравјето. Лековитата вода богата со алги кои цветаат во август и лековитата кал поволно влијаат на подобрување на нивното здравје. Благој Станков од Беровско тука е со триипол годишниот син Богдан кој пред да дојде во Дојран бил лекувал по скопските болници, но здравјето му се подобрило откако дошол во Дојран.

„Имавме постојано проблеми со синот пред две години и нон-стоп го носевме по скопските болници. Лани првпат бевме во Дојран и на детето му беше подобро. Затоа секоја година ќе доаѓаме во Дојран‘‘.

Dojran See in Mazedonien

Поволни услови за здравјето на најмладите

Од Општина Дојран велат дека примероци од алгите и калта од Дојранското Езеро биле испратени на анализа во Институт во Софија кој ја потврдил нивната лековитост.

„Со овие испитување се докажа дека дојранската вода и кал се навистина лековити и помагаат при лекувањето на ревматски заболувања, кожни и болести на дишните патишта и поволно влијаат врз целокупниот човеков организам‘‘.

Има уште што да се направи

Дојран и покрај се‘ треба уште многу да направи за да ги задржи постојните и да привлече нови туристи, смета Ана Пачакоска од Прилеп. Посочува дека итно треба да се подобри уличното осветлување, да се доуредат плажите.

Во Општина Дојран имаат многу планови за развојот на туризмот, а и наскоро да привлечат и странски туристи. Но затоа тимот на Општина Дојран уште многу треба да работи на подобрување на имиџот на градот. Тоа ќе значи најпрво да ги подобри сместувачките капацитети, да ги среди плажите и да направи уште многу мали, но секако важни работи за градот да биде уште попривлечен за туристите.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Жана Ацеска