1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турбулентни времиња во Турција

Сеуште е нејасно кој стои зад нападите во Истанбул, во кои загинаа 17 луѓе. Додека се трага по сторителите, турскиот уставен суд треба да донесе пресуда околу забраната на владеачката партија, АКП.

default

По нападите во Истанбул

Околу заднината на нападите и натаму нема јасност. Шпекулации има многу, но цврсти докази нема. Министерот за внатрешни работи, Бесир Аталаи, изјави: „Наша цел е да го расчистиме случајот што е можно побргу. Истрагата оди во сите насоки. Ќе бидат, се разбира, прегледани и снимките на камерите за видео надзор.“

Колку е нејасна ситуацијата се гледа од претпоставката дека зад нападите би можела да стои ПКК. Некои весници и политичари изразија вакво сомневање. Беше речено дека структурата на нападот е нешто што на тоа укажува, исто како и податокот дека бомбите биле еден вид одмазда за наводно успешно бомбардирање на турската армија на еден камп на ПКК во северен Ирак.

Вчера напладне, шефот на политичкото крило на бунтовниците, Зубејир Ајдар излезе со соопштение на Интернет и отфрли секаква одговорност на курдската организација. Дали ваквата изјава е точна, меѓутоа е знак прашање, зашто и случајот на тројцата грабнати баварски планинари од страна на ПКК покажа дека групата не е обединета и дека има т.н. автономна армија која би можела да презема акции без притоа за тоа да биде известено и раководството на ПКК.

Теророт мора да ја загуби поддршката на населението

Сега останува да се чека, да се има трпение, и како што апелираше и турскиот премиер, Ердоан, да се биде сплотен против атентаторите: „Овој ден е ден на единство и солидарност. Колку сме поединствени и посолидарни против теророт и колку го туркаме во изолација, толку ќе бидеме поуспешни. Теророт мора да ја загуби поддршката на населението.“

Ердоан , со оглед на нападите, ја откажа за вчера закажаната седница на владата и отпатува на местото на инцидентите. Неговиот повик, според се‘ не се однесуваше само на двете експлозии и жртвите, туку веројатно беше и укажување поврзано со постапката за забрана на неговата владеачка АКП партија. Уставниот суд вчера одржа последна седница околу ова прашање, а кога ќе биде донесена пресудата сеуште не се знае, соопшти министерот за правда, Мехмет Али Сахин.

Забраната на АКП е неизвесна

Обвинителството смета дека владеачката исламско-конзервативна партија има намера да го поткопа лаицистичкиот поредок во земјата и да инсталира исламска република. Осуммина од единаесетте судии во уставниот суд се сметаат за критички настроени кон АКП. Со оглед на тоа што за носење пресуда против АКП се потребни сеудм гласа, многумина сметаат дека партијата ќе биде забранета. Но, дали решението навистина ќе биде така недвосмислено и не е толку сигурно, зашто судијата известител за случајот, Осман Кан препорача отфрлање на барањето за забрана. Според него, АКП не претставува акутна опасност за демократијата во земјата.