1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тупурковски: „Грција не може да ја оспори правно апликацијата на Македонија“

Интервју со Васил Тупурковски, професор по меѓународно право на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Скопје околу тужбата на Македонија против Грција пред Меѓународниот суд на правдата. Интервјуто го водеше Нада Штајнман.

default

Васил Тупурковски

Господине Тупурковски, Македонија за првпат се обрати до Меѓународниот суд на правдата и се заложи за она што и‘ припаѓа. Дали има шанси да успее со нејзиното барање?

Тупурковски: „Па, има реални шанси, бидејќи во самата Времена спогодба е предвидено дека двете страни прифаќаат нивните спорови во врска со Спогодбата да се решаваат пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Инаку, тоа може да биде многу спорно, затоа што доколку двете страни во еден спор не се согласуваат, Меѓународниот суд нема надлежност. Но, ова е нешто друго. Претходно во Спогодбата, која што е регистрирана при Секретаријатот на ОН, двете страни прифатиле да се обратат пред судот.“

Грчката страна вели дека македонската страна исто така ја прекршила Времената спогодба. Во кои точки?

Тупурковски: „Грчката страна не ги дефинира. Ние можеме да подразбираме, но таа исто така има право да покрене постапка пред судот и да ги елаборира своите тврдења. Таа во овој момент тоа не го прави и тоа не е одбрана од наводите во македонската апликација.“

Меѓународната јавност, односно луѓе што ја познаваат македонската политичка сцена велат дека Македонија со право го прави овој обид, но дека шансите се мали. Вие велите дека се големи. Како го образлагате тоа?

Тупурковски: „Не, јас велам дека како правна процедура таа не е спорна, бидејќи и Грција и Македонија во својата Времена спогодба прифатиле дека споровите ќе ги решаваат пред Меѓународниот суд на правдата. Значи, Грција не може да ја оспори на правен терен македонската апликација. Друго е каков исход тоа ќе има и какви правни агрументи ќе може да продуцира македонската страна, за да ја поткрепи, условно да речам, својата тужба. Од она што можев да го видам низ печатот и низ изјавите на претставниците на власта, ние се повикуваме на членот единаесет од Времената спогодба, кој што е правна основа за меѓународниот суд на правдата, бидејќи тој суди врз основа на меѓунардоно-правните правила во меѓународните обичаи, а и има и еден трет извор на меѓународното право, што го користи судот и што македонската страна би требало да го употреби, ако не го употребила, оти ние не знаеме, консултирани се странски правници и стручњаци, а тоа е – чувството за правичност на судиите и тоа е извор на меѓународното право кој што судот може да го употреби. Тогаш, ние би имале уште посилен случај, да речеме.“

И покрај сите надежи и оптимистички гледања, какво е Вашето лично мислење – дали оваа постапка од страна на Македонија, навистина може да донесе подобрување во правна смисла, односно конечно и решавање на спорот со името?

Тупурковски: „Знаејќи ги односите во овој момент, компликуваноста, деликатноста, не верувам дека помага кога станува збор за решавање на прашањето на името. Но, тоа е едно правно прашање и судот ќе го третира исклучиво врз правни основи. Во таа смисла, има место за надеж дека апликацијата ќе биде прифатена и дека судењето ќе даде резултат што нам ни‘ одговара. Велам, во политичката сфера работите се поинакви и тие дополнително ќе ги затегнат односите. “

Правно погледнато, колку долго може да трае една ваква постапка?

Тупурковски: „Вобичаено е постапките пред Меѓународниот суд на правдата да траат долго, прво затоа што има 15 судии кои доаѓаат од различни правни системи, различни правни доктрини и не е едноставно да се усогласат. Второ, самата материја на меѓународното право не е до крај изградена, иако голем дел од тоа што е денеска важечко меѓународно право е кодификувано во документи, во конвенции и на тој начин ќе може да се олесни целата постапка, но целата практика на судот покажува дека ваквите спорови заради угледот на државите, заради позиционирањата на судиите и координирањето на нивното сфаќање на правото, трае исклучително долго, така што не би можело да стане збор за некоја динамична постапка.“

Доколку Македонија добие за право дека навистина е прекршена Времена спогодба од страна на Грција, што би бил конкретниот резултат за Македонија?

Тупурковски: „Тоа ќе оди на Совет за безбедност на ОН за да се изврши пресудата на судот. Советот за безбедност е комплициран заради правото на вето и на две членки на ЕУ, што се обврзани со единствената надворешна политика – Велика Британија и Франција, така да таа политичка процедура после тоа нема да биде едноставна. Не е едноставно и да се докаже нашето правно тврдење, бидејќи во завршното коминике на НАТО самитот во Букурешт не е споменато противењето на Грција. Има компликации, но духот на Спогодбата е сосема јасно, евидентно прекршен и тука ќе биде најсилната аргументација, ако можеме да изградиме таква аргументација, на Македонија.“

DW.COM