1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Туомиоја: Прашање на време е распадот на еврозоната

Европските лидери мораат да се подготват за претстоечкиот распад на еврозоната, кој е прашање на време, предупреди финскиот министер за надворешни работи Ерки Туомиоја во изјава за весникот Дејли телеграф.

Туомиоја рече дека финските власти се подготвиле за распадот на монетарната унија со „оперативен план за секој случај“.

„Не постојат правила како да се напушти еврото, но тоа е прашање на време. Или на југот или, пак, северот тоа ќе се прекрши, бидејќи оваа валута во лудачка кошула предизвикува беда за милиони луѓе и ја уништува иднината на Европа“, оцени финскиот министер за надворешни работи.

„Ова е тотална катастрофа. Ќе останеме без пари како што сме тргнале. Но, никој не сака во Европа да биде прв што ќе излезе од еврото и да ги преземе на себе сите обвинувања“, додаде Туомиоја. Според него, распадот на еврозоната ќе ја направи ЕУ посилна.

„Распадот на еврозоната не значи крај на ЕУ. Тоа би можело да ја направи Унијата да фунционира подобро“, смета финскиот министер за надворешни работи. Неговата земја има право на вето, кое може да го искористи во следните мерки за спас на задолжените земји. Финска е една од четирите земји во еврозоната со врвен кредитен рејтинг од тројно А.

И Германија предупредува дека времето истекува

Angela Merkel in Kanada

И Меркел е загрижена

Дека времето притиска за спас на еврото предупреди вчера од Отава и германската канцеларка Ангела Меркел. Таа рече дека Германија е подготвена да прифати и формирање на политичка унија во еврозоната, додавајќи дека фискалните договори се покажале како недоволни во битката против кризата. Меркел рече дека ќе притиска во ЕУ за воведување права на интервенција од страна на Комисијата во земјите кои, на пример, не можат да ги исполнат правилата за буџетска дисциплина во еврозоната.

Австрија бара механизам за исфрлање членки од еврозоната

Во истовреме и Австрија се огласи со барање еврозоната да создаде правен механизам за поддршка на исфрлувањето на земјите членки од еврозоната, кои не се држат до дадените ветувања.

„Треба да создадеме начини да можеме да исфрлиме некого од еврозоната“, рече австрискиот министер за надворешни работи и заменик канцелар Михаел Шпинделегер во интервју за денешното издание на весникот Курир.  Но, правната процедура за менување на договорите во ЕУ може да потрае до пет години.

„Ако го имавме ова... тогаш ќе бевме подготвени за последиците“, додаде Шпинделегер, а весникот ваквата изјава ја толкува како обраќање кон Грција, која веќе доби два пакета помош, а ќе и требаат уште многу други за спас на економијата. Според Шпинделегер, механизмот за исклучување на членка од еврозоната ќе ја поттикне довербата во еврото на пазарите. Според него, тоа би било поддржано од членките, вклучувајќи ги Германија, Луксембург, Финска и Холандија.