1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тунис - длабоко поделена земја

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле при посетата на Тунис повика на дијалог и предупреди: мора да се спречи втор Египет. Лулката на Арапската пролет е поделена земја, соочена со бројни проблеми.

Море од црвени знамиња се движи по улицата 20. март. Таа води кон плоштадот Бардо, каде од вечер во вечер луѓето се собираат на протести против туниската исламистичка влада. Овојпат се собрани околу 15 илјади луѓе, многу повеќе од попладнето, кога владејачката партија Енада се обиде да ги мобилизира своите приврзаници. Од нив овде нема ни трага, што ги радува демонстрантите.

„Најрадо би сакале да ја нема оваа исламистичка партија“, вели Сара. 24-годишната студентка тука е со група жени. Дали во тесни маички или во фустани со шамии, тие одат заедно по патот. Тие се посебно присутни на тунискиот Ден на жените, носат плакати и извикуваат пароли преку мегафон.

За жените нема нови права

Од балконите луѓето им мавтаат за поздрав на демонстрантите. Во малата кафетерија на тротоарот се собираат љубопитници. Мириса на пилешко и печени бадеми. Малку личи како на народна забава, но поводот е сериозен: Тунис се наоѓа во длабока политичка криза. Земјата е поделена. Опозицијата бара итна оставка на исламистички доминираната влада. Но, раководството на владејачката партија Енада тоа го одбива. Притоа Тунис и по двеипол години од соборувањето на долгогодишниот властодржец Бен Али сѐ уште нема устав.

„Процесот на донесување на уставот е под доминација на Енада. Но, партијата не верува во рамноправноста и слободата на жените. Таа прави сѐ за да ги уназади правата на жените. Илјадници жени и мажи затоа сега демонстрираат во нивна одбрана, барајќи демократска, слободна и цивилна држава, која ќе ги почитува правата на сите“, вели Ахмед Седик, опозиционер.

Tunesien Flagge Frau Symbolisch Hoffnung Frauentag

Жените бараат поголеми права

Тежок пат до новиот устав

Седик е портпарол на партијата „Движење на народот“, група на која и‘ припаѓаше и убиениот опозициски политичар Мохамед Брахми. Убиството на Брахми беше повод за нови тензии меѓу владата и опозицијата во Тунис. На плоштадот Бардо е собрана опозицијата. Пред зградата на уставотворното собрание, чија работа привремено е запрена, се собираат сега и пратениците, кои ова тело го бојкотираат неколку недели, како Лиед Дамани од Републиканската партија.

„Бараме формирање влада на национален спас, која ќе ја сочинуваат компетентни луѓе. Премиерот треба да биде независен и да го доведе до крај процесот на донесување на уставот“, вели Дамани.

Слабата економија ја заострува политичката криза

Како тоа би одело, опозиционерите на плоштадот Бардо не знаат ни самите точно. Но, дека наскоро нешто мора да се промени, убедени се многумина Тунижани. Ним пред се‘ грижи им создава стопанството. Тоа од соборувањето на екс-претседателот е во уште полоша состојба, смета студентката Сара, што дополнително ја заоструваполитичката криза:

„Економијата во Тунис беше како стар автомобил, таа одвај функционираше. Кога целосно пропадна, Бен Али ја напушти земјата. Она што сега се случува е вистински лошо: владата едноставно незане како да ја води земјата“.

Ни демонстрантите немаат детален план за излез од кризата. Но, тие знаат дека протестите против владата и натаму треба да продолжат.