1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тунис во очекување на владата на национално единство

Во Тунис и натаму е тензично во очекување на објавувањето на новата влада на национално единство. Во текот на ноќта дошло до нови судири меѓу безбедносните сили и вооружените групации лојални на екс-претседателот Бен Али

default

Припадници на војската на Тунис ги конторлираат улиците

Привременото туниско државно раководство денеска треба да го објави составот на привремената влада во која ќе нема место за партиите блиски до поранешниот претседател Бен Али, кој во петокот побегна во Саудиска Арабија по повеќенеделните протести во земјата. Опозициски извори потврдија дека про-владините партии ќе бидат исклучени, но извесно е дека во новата влада нема да учествуваат ниту претставници на досега забранетите Комунистичка и Исламска партија во земјата.

Полицијата потврди дека во текот на ноќта продолжиле судирите со припадниците на претседателската гарда кои му останаа лојални на Бен Али, кој 23 години владееше со земјата. Лојалистите се засолниле во претседателската резиденција во предградие на главниот град. Вчера бил уапсен генералот Али Сераити, првиот човек на претседателската гарда под сомнение дека планирал државен удар против новото раководство.

Symbolbild Unruhen in Tunesien

Граѓаните самите се организираат

Состојбата останува критична во повеќе населби во главниот град, како и во неколку помали градови низ земјата. Голем број граѓани сами се организираат и вооружуваат за да се заштитат од нападите на толпите кои ограбуваат и напаѓаат објекти низ градовите. Вооружени со ножеви, стапови и камења, граѓаните поставуваат барикади, а доколку насетат дека би можеле да бидат цел на напад, ја повикуваат војската.

„Мислам дека е многу важно тоа што во една млада демократија, луѓето ја земаат судбината во свои раце и помагаат во одржувањето на јавниот ред и мир. Во моментов земјата е така организирана што, одржувањето на јавниот ред од страна на војската и полицијата не само што е прифатено, туку е и активно поддржано“, вели Јирген Терес, раководител на германската фондација „Ханс Зајдел“ во Тунис.

Протестите во Тунис траеја околу еден месец

Американската администрација синоќа ги демантираше тврдењата дека информациите за корупција во Тунис, спомнати во американските дипломатски депеши кои ги објави интернет страницата „Викиликс“, ги поттикнале немирите во оваа африканска држава и допринеле за соборување на претседателот Зин ал Абидин Бен Али. Портпаролот на Стејт департментот Џеј Кроли изјави дека Тунижаните биле свесни за корупцијата, непотизмот и раскошниот животен стил на Бен Али и неговото семејство многу пред „Викиликс“ да ги објави доверливите документи. Протестите во Тунис започнаа пред повеќе од еден месец поради поскапувањето на храната и горивата и високата стапка на невработеност и корупција.

Автор:БГ/СН/ртре/дв

Редактор: Симе Недевски

DW.COM