1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тунижани, земете си ги своите џихадисти назад!

Радикалните џихадисти се бреме за секоја држава. Но, Тунис без право одбива прифаќање на своите државјани-криминалци, смета Керстен Книп.

Во суштина, Тунижаните и остатокот од светот имаат единствен став: џихадистите никој не ги сака. Овие псевдорелигиозни убијци и силувачи не се добредојдени во ниедна земја во светот. Луѓето од ваков калибар сите ги избегнуваат, секаде каде е тоа можно. И не само што се избегнувани, туку најрадо се видени зад решетки. 

Сепак, за граѓаните од другите држави е тешко сфатливо зошто Тунис, според предлогот на некои туниски граѓани, не треба да ги прими назад деликвентите со туниско државјанство? Зошто другите држави треба да преземат одговорност за проблемот на Тунис? По терористичкиот напад изведен од Анис Амри, прашањето премина од полемично и теоретско во сосем практично: дали граѓаните од други држави треба да трпат поради тоа што Тунис не сака да ги прими своите тешки криминалци? Скандал по себе е што на берлински божиќен пазар мораа да загинат дванаесет луѓе, Германци и странски гости, не само поради потфрлувањето на германските безбедносни служби, туку и поради фактот што предолго се чекало на стигнувањето на документите на Амри од Тунис. А сегашното барање, и другите тешко застранети синови на оваа држава да останат по можност настрана, далеку од татковината, не кореспондира со меѓународната соработка.

Knipp Kersten Kommentarbild App

​​Керстен Книп

Кревка млада демократија

Непобитно е дека Тунис е млада демократија, израсната по диктатура. Земјата е економски слаба, што лесно може да влијае врз стабилноста на правната држава и нејзините структури. Дотолку повредна за восхит е желбата на Тунижаните да не се прават компромиси токму во правниот систем, за да не се дозволи да се повторат злоупотребите на законите од времето на диктатурата на Бен Али. Претензијата пред суд да бидат изведени и најтешките криминалци, согласно јасни правни стандарди, е она што ја разликува земјата од мнозинството други држави во регионот. Оттаму, кога судовите во земјата често не можат да ги докажат кривичните дела на џихадистите извршени во странство, има уште поголема тежина, радикалните повратници на тој начин остануваат на слобода. И другите држави, меѓу кои и Германија, се исправени пред истиот проблем.

Освен тоа, слабоста не е никакво оправдување. И Ирак и Сирија во моментов не се силни држави. Дали тоа им е сеедно на туниските демонстранти? Дали им е ним помило нивните туниски џихадистички сонародници да ги ослабуваат овие држави наместо својата сопствена? Околу 5.000 Тунижани се заминати во џихад, „света војна“, претежно во државите на Блискиот Исток. Враќањето дома и на само дел од нив, би претставувало значајна закана за младата туниска демократија. Но, и Сиријците и Ирачаните сонуваат за мир и стабилност. Тие имаат доволно проблеми со божјите воини од нивните земји. Зошто би морале да ги трпат и терористите од Тунис, тешко е разбирливо. За Тунис исто така треба да е предизвик фактот што двајцата атентатори, извршители на двата најкатастрофални терористички напади минатата година во Западна Европа, во Ница и во Берлин, беа туниски државјани. Дали на една земја може да ѝ е неважно на меѓународната сцена да биде сметана за некооперативно гнездо на терор?

Одговорност на Тунис

Точно е дека радикализацијата на Анис Амри се случила во Европа. Но, првите чекори во тој правец тој ги направил во Тунис, таму ја почнал криминалната кариера, која на крајот, по меѓустаницата во италијански затвори и германски бегалски домови, заврши во Берлин со смртоносниот напад со камион. Половина година пред атентатот, германските служби донесле одлука за протерување на овој човек.

Секоја држава е одговорна за своите државјани и има обврска да ги прими назад ако некаде, од оправдани причини, бидат прогласени за непожелни личности. Само на таков начин една цивилизирана држава соодветно ги исполнува своите обврски. Сѐ друго има блуткав додатен вкус.

 

DW.COM