1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тунижаните се револтирани од власта

Преодната влада во Тунис по соборувањето на властодржецот Бен Али не успеа да ја подобри економската состојба во земјата. Поради тоа сега е соочена со бесот на народот.

Незадоволството недвосмислено го почувствуваа првите луѓе на државата, претседателот Монсеф Марзуки и претседателот на парламентот, Мустафа Бен Џаафар.

Илјадици луѓе во Тунис демонстрираа против политичките односи и лошата економска ситуација во земјата. Од соборувањето на долгогодишниот властодржец Бен Али во пролетта 2011 година нема поголемо подобрување, истакнуваат организаторите на протестите. Во Сиди Бузид во централниот дел на земјата вчера демонстранти фрлаа со камења врз претставниците на преодната власт, на тој начин предизвикувајќи прекин на централната манифестација, на која присуствуваа и претседателот на државата Монсеф Марзуки и на парламентот, Мустафа Бен Џаар. Комеморацијата беше во спомен на самозапалувањето на младиот уличен трговец пред две години, што предизвика протести низ целата земја и важи за почеток на т.н. Арапска пролет.

Во својот говор на плоштадот на кој се самозапали трговецот Боуази, Марзуки ги замоли Тунижаните да имаат поголемо трпение. Владата нема волшебно стапче со кое може да ги промени нештата, потребно е време да се отстранат последиците на 50-те гоидни диктатура, истакна Марзуки.Но, го пресретнаа повиците: „Да те нема“, како и камења фрлени од масата народ. Политичарите беа заштитени од полицијата, но таа не се сврте против демонстрантите кои јурнаа кон бината на која беа државните претставници.

Во Тунис расте невработеноста. Како последица на европската должничка криза, земјата се наоѓа во рецесија. ЕУ е најважен трговски партнер на Тунис. И внатрешнополитички Тунижаните се разочарани-14 месеци по изборот на уставотворен собир делегатите не можат да се согласат за текстот на уставот.