1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тунел за „профи“ шверцери

На границата меѓу Мексико и САД е откриен „супер тунел“ за шверц на дрога. Тунелот е осветлен со електрична енергија, има вентилатори за воздух и дури и шини!

Тунелот е откриен недалеку од границата кај Сан Диего и Тихуана. Три лица се уапсени, а властите заплениле над осум тони марихуана и речиси 150 килограми кокаин. Американската агенција за имиграција и царина потврди дека ова е прв пат кокаин да е пронајден во тунел од ваков вид. Мексиканските власти информираа дека во Тихуана пристапот до тунелот бил овозможен со метални скали кои се спуштаат 20 метри во длабочина.

Американските сили за безбедност соопштија дека од нивна страна тунелот бил долг над 500 метри, висок 1,20 метри, а широк 90 сантиметри. Неговата софистицираност укажува дека тој е осмислен од страна на архитекти и инженери.

Кокаинот вообичаено се транспортира во САД во помали количества и не оди преку тунели. За картелите со дрога, Бил Шерман, шеф на канцеларијата во Сан Диего на агенцијата за борба против дроги, рече:

„Нивните традиционални правци се менуваат. Тие се многу очајни. Ќе сторат сешто за да влезат на територијата на САД.“

Шерман Додаде дека се‘ почесто се регистрираат обиди наркотиците, вклучително и кокаин и метамфетамини, да се пренесуваат преку границата преку тунели или авиони на далечинско управување.

Откако во 2006 година на власт во Мексико дојде сега веќе поранешниот претседател Фелипе Калдерон, тој им објави војна на организираниот криминал и нарко мафијата. Имајќи ја предвид раширената корупција меѓу владините и полициските службеници, тој беше принуден да ја ангажира и војската, која во борбата против картелите учествува со 50 илјади свои припадници од разни родови. Ваквата стратегија во справувањето со нарко картелите ја продолжи и неговиот наследник Енрике Пена Нието.

Според оцените на експертите, секоја година преку Мексико во САД, Европа и Азија се пренесуваат наркотици во вредност од повеќе од 40 милијарди долари. Големата заработка и близината на богатиот американски пазар се причината за крвавите судири меѓу нарко картелите кои сакаат да имаат превласт врз шверцерските канали.