1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тужба против американската влада поради прислушувањето

Сојуз на групи и организации за граѓански права ги тужи САД поради обемната програма за надгледување на интернет и телефонско прислушување од страна на тајната служба НСА.

Сојузот на здруженија за граѓански права и на други општествени групи со тужбата против американската влада сака да издејствува запирање на програмата за електронско надгледување „Призма“. Тужителите, предводени од ЕФФ (Electronic Frontier Foundation), се надеваат дека ќе биде донесена судска одлука против тајната служба НСА, американското министерство за правда, сојузната полиција ФБИ и директорите на овие институции и дека со тоа ќе се стави крај на надгледувањето. Во тужбата се вели дека собирањето податоци е илегално и значи повреда на американскиот устав. Тужителите бараат од владата да ги уништи снимените телефонски податоци и настојуваат да се води судска постапка по обвиненијата.

Како тужители се јавуваат 19 организации. Дел од нив се и црковната заедница First Unitarian Church од Лос Анџелес, исламската организација за граѓански права Совет за американско-исламски односи, Гринпис, како и организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч. Адвокатката на ЕФФ, Синди Кон, нагласи дека тужбата се однесува на ограничувањата на слободата на здружување поради „Призма“. Тајните служби би можеле со собирањето податоци точно да контролираат кој во кои групи се ангажира.

„Луѓето што имаат контроверзни ставови, на пример по прашањето на правото на оружје, легализација на дроги или политиката на доселување, често своите ставови мора да ги изразат како група за да можат да дејствуваат ефикасно“, вели Кон. Масивното надгледување може да доведе до тоа луѓето да се плашат да се приклучат кон некоја организација или група. Затоа се бара за здруженијата да има особена заштита во дигиталниот простор.