1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Труење нема, на ред е токсиколошка анализа на политиката

Пријавите за труења, тепачки и бомби меѓу ученици, индицираат дека многу нешта „струјат во воздухот“: истрагата треба да даде точни одговори, за да не се загади воздухот со уште поголема недоверба, велат аналитичарите

„Труењата како нова политичка фарса “, „Почеток на неокортикална војна“, „Политички и идеолошки супстанци на труењето“... Ова не се наслови за случајот “труење на средношколците од Гостивар“, туку дел од извештаите за слични настани кои беа дел од конфликтниот период на Балканот. Се случија во Косово и Босна. И Македонија не е исклучок. За 18 години евидентирани се три такви случаи. Во просек на секои шест години - по еден. Резултатите секогаш исти: пациенти има, труење нема. Не се најдени токсиколошки елементи и во последниот случај: немало труење со хемиска супстанција, покажаа анализите направени врз 10 ученици и шест вработени во гостиварската гимназија, кои во петокот доцна вечерта беа примени на Клиниката за токсикологија во Скопје, со знаци на отежнато дишење, кашлање, печење во очите и грлото.

Контролиран неред

Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта, не верува во лекарските извештаи,

Mazedonien - Minister für Kommunale Selbstverwaltung Nevzat Bejta

Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта

бидејќи лично ги почуствувал симптомите на труење во училиштето. Прашува, ако немало труење зошто толку ученици и професори побарале лекарска помош? Иако дел од учениците уште истата вечер, а другите наредниот ден сами инсистираа и ја напуштија Клиниката со признание дека се чувствуваат добро, ваквата недоверба во институциите го враќа случајот во почетна фаза.

Живееме во држава во која никој никому не верува, вели аналитичарот Ким Мехмети.

„Граѓаните не им веруваат на институциите, бидејќи не знаат дали тие ги затскриваат дејанијата на политичкото подземје или политичкото подземје го прави тоа што го посакуваат некои овдешни политички структури. Го велам ова, затоа што, било што да кажете за труењата во Гостивар, за експлозијата на бомбата во Тетово, за периодичните тепачки меѓу младите, треба да појдете од вистината дека во оваа политизирано општество, во кое од ден на ден паѓа цената на човековиот живот - се е можно. Можно е несреќните настани да не се одмеруваат според несреќата што им ја носат на луѓето, туку според политичките поени што ќе ги добие едната или другата страна. Оттука, и тепаните млади, и затруените ученици, и експлозиите на бомби може да имаат различно логично толкување, почнувајќи од тоа дека се дел од сценариото на оние кои сакаат да не држат во простор на контролиран неред, со што ќе го одвлечат нашето внимание од бедата во која живееме и да не застрашат со полошото што може да не снајде. А што има полошо од тоа да се тепаат млади, да пукаат бомби, а вие да немате кому да верувате? Без разлика кој стои зад овие дела, тие бавно, но незапирливо ја трошат Македонија“, вели Мехмети.

Сѐ е исто

Првото труење на ученици беше пријавено 1996 година во Тетово. Капацитетите на тетовската болница беа претесни да ги примат сите ученици кои рефлектираа исти симптоми и ист интензитет на болки. И тоаш не беа најдени клинички докази за труење, иако некои од примероците беа испратени на испитување и во странски лаборатории. Емилија Симоска, поранешна министерка за образование, добро се сеќава на тој случај.

Tetovo, Mazedonien

„Не навлегувам ни во симптомите ни во медицинските извештати. Само сакам да потсетам, дека по дистанца од 18 години, она што е очигледно, е дека некои работи се повторуваат. По трет пат е пријавено труење на иста структура - ученици, кои се од иста етничка заедница и сето тоа се случува во ист политички период - пред избори“, вели Симовска.

Следниот случај на труење беше пријавен во постконфликтната 2002 година во Куманово. Епилогот - ист. Тогаш, што ги труе учениците? Според социологот Илија Ацевски, науката познава многу случаи кога одредени категории лица се испровоцирани да манифестираат одредени симптоми за да одглумат „масовна претстава“.

„Но, дури и кога таа претстава ќе се демаскира, тешко е да се открие мотивот. Кој и зошто им диригира да одглумат жртви во одреден момент? И зошто токму тие? Кај нас тоа се случува само во една етничка заедница и тогаш кога учениците се во мешани и кога се во едноетнички паралелки. Ако медицинските резултати не покажуваат присуство на хемиски супстанци, треба да се открие што стои зад оваа појава. Но, многу е потешко да се дојде до одговор, ако тие лица навистина се доведени во таква ментална состојба да чувствуваат одредени симпотми дури и кога не постои реална причина за тоа. Во тој случај одговор треба да дадат медицинските експерти, а не социолозите“, вели Ацески.

Но, и политичарите не се воздржаа од поставување „дијагноза“: „Труењето на учениците во Гостивар, нападот во село Локо во Сарај и постојаните тепања на ученици Албанци од страна на хулигани Македонци се вршат по наредба на Али и Груевски“, напиша пратеникот на ДПА, Беким Фазлиу, на својот фејсбук-профил. Никој не му реплицираше.

Има нешто во воздухот

„Кога се случи инцидентот бевме на час. Почнаа да ни викаат да излеземе надвор, ни рекоа да не вдишуваме, бидејќи има нешто во воздухот“. Вака, ученици од средното училиште во Гостивар, објаснија како се започнало. Од тој момент, почнале да чувствуваат печење во очите и грлото и отежнато да дишат. А единствено ходникот во кој наводно се ширел чудниот мирис, не бил под видео-надзор. Прашањето на кое немаат одговор, е дали самите ќе почувствувале тешкотии во дишењето, ако не им било сугерирано дека „има нешто во воздухот“.

Што има во воздухот? Дел од аналитичарите одбегнуваат одговор, со образложение дека „се е јасно“. Но, во исто време и толку нејасно. Петрит Сарачини, новинар и активист за човекови права вели дека е очигледно оти се уште постојат фактори на кои не им одговара меѓуетничките односи во Македонија да се подобруваат и да одат во нагорна линија.

„Симптоматично е тоа што вакви настани се случуваат за време на важни

Symbolbild Polizei Mazedonien

Полицијата сѐ уште истражува што стои зад труењата

политички процеси за земјата - без оглед дали се избори, самити на кои се разговара за нашата интеграција или други настани кои имаат важни импликации на безбедноста во земјава, но и на целото опкружување. Тоа ме упатува на заклучок дека ваквите настани имаат политичка позадина, при што жртви се граѓаните и нивните деца, а единствен фактор што добива се оние политички структури во земјава и регионот кои јаваат на бранот на етноцентризмот и национализмот. Токму поради сложеноста на ситуацијата, важно е за сите инциденти да има вистинска, професионална и непристрасна истрага, а тие што ги создаваат инцидентите или манипулираат со етничките чувства на граѓаните да понесат одговорност за своите постапки. Исто така, мошне е важно државните институции и другите релевантни актери да бидат што поактивни, поотворени и поодговорни во справувањето со овие ситуации, да ги смируваат страстите, брзо да ја лоцираат вистината и одговорноста, да постапуваат неселективно при расчистување на состојбите, што може во значителна мера да ги намали тензиите и просторот за дезинформирање и манипулирање“, вели Сарачини. Од МВР ветуваат сериозна истрага.

„Ние како полиција ќе ја продолжиме истрагата, во соработка со јавниот обвинител, се до целосното обелоденување на сомнежот, што значи дека со голема сериозност пристапуваме кон сите информации и индикации кои се однесуваат на случајот”, изјави Земри Ќамили, заменик-министер за внатрешни работи. Експертите за кривично право потсетуваат дека секое лажно пријавување претставува кривично дело за кое се одговара. Според аналитичарите, пријавите за труења, честите тепачки меѓу учениците и експлозијата на бомба меѓу малолетни деца во Тетово, индицираат дека многу нешта „струјат во воздухот“. Дали се политички или токсични - треба да покаже истрагата со аргументи и докази, за да не се загади воздухот со уште поголема недоверба.

Поврзана содржина