1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трпението полека истекува

Во спорот околу атомската програма, Меѓународната агенција за атомска енергија му понуди на Иран 70 проценти од неговиот ниско облагороден уран, наводно потребен за научни цели, да се обработува во Русија. Прифаќа Иран?

default

Инспектори од Меѓународната агенција за атомска енергија

Иран, како и секогаш, имаше две вести: една добра и една лоша. Добрата е дека Иран искажа готовност за компромис во атомскиот спор, лошата е барањето компромисот предложен од Меѓународната агенција за атомска енергија да биде подобрен врз основа на технички и економски промени. Засега останува нејасно што се подразбира под тоа.

Во изминатите денови стануваше збор за две промени: наместо итна испорака, Иран постепено да го испраќа во странство својот ниско облагороден уран, а бара и истовремена размена на својот облагороден уран за гориво за истражувачкиот реактор во Техеран.

Залудни преговори, заострени санкции, понекогаш искра на надеж, потоа вообичаеното одолговлекување, па по долга пауза продолжение на разговорите и на крајот, како и секогаш, нема договор. Мора натамошно да се преговара. Така, приказната за атомскиот спор со Иран продолжува, а со неа и стравот од неконвенционална нуклеарна сила во нестабилниот регион.

Работата не е едноставна

Нема договор. Не‘ изненади ли воопшто тоа? Сметавме ли навистина со тоа, дека властодршците во Иран, кои бараат кавга, послушно на тацна ќе го сервираат својот облагороден уран? Работата воопшто не е толку едноставна, туку многу комплексна, но не и непрегледна.

Symbolbild Iran Israel Nukleargespräche Atomwaffe Test

Важно е да се знае каква цел сега следи Иран во спорот со Западот. Ултраконзервативната влада во Техеран мора да знае дека тактиката на добивање во време не функционира секогаш и не вечно. Иран не може да се надева на бесконечни преговори со меѓународната шесторка.

Пет плус еден, реално погледнато, често пати е 6 минус два. Одамна веќе не се тајна разликите во шесторката.

Дали сметката ќе се оствари?

Кај евентуално заострување на санкциите, за што се залага Западот, Иран игра на поддршката од Русија и Кина. Ќе му се оствари ли таквата сметка?

Не. Бизнисот со Иран, навистина, е вносен, но не и толку вреден, за безглаво откажување од се’ поради него. Кина има и други пријатели во регионот, на пример Саудиска Арабија, Израел и Пакистан. Соработката со Западот и посебно со САД, стратегиски погледнато, за Русите и Кинезите е сто пати поважно и понасочено кон иднината, отколку соработка со една влада со несигурна иднина. Резолуциите на Советот за безбедност на ОН се добар доказ за заедничкото становиште на вето-силите.

Што произлегува од ова? Во најдобар случај треба да продолжат преговорите, спорот продолжува, расте притисокот врз американскиот претседател Барак Обама. Израел и некои арапски земји полека го губат трпението. Во атомскиот спор Иран мора да попушти - порано или подоцна; да се надеваме - не предоцна. Со секој нареден ден е се’ поредок воздухот за посакуваното дипломатско решение.

Kоментар на Џамшид Фаруги

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска