1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тројца кандидати во трка по гласовите на граѓаните на Прилеп

Вкупно 6.343 гласачи на 132 гласачки места во Прилеп, на 24 овој месец треба да го изберат новиот градоначалник за наредниот четиригодишен мандат.

default

Изборот, за разлика од другите градови е мал. Во градоначалничката трка, ќе се вклучат само тројца кандидати: досегашниот, Марјан Ристески кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Хари Локвенец кандидат на СДСМ и коалицијата и Зоран Петрески кандидат Социјал демократската унија.

Ристески во изборната трка се вклучува од градоначалничката позиција, на која е во досегашните два претходни мандати.

„Мотив да се кандидарам по третпат е мојата енергија, но и се’ она што го направив за овие осум години, и покрај тоа што од она што ветив пред четири години реализирав девдесет насто, сепак има проекти кои остануваат да се завршат, но и такви кои ги планирам за наредниот период и на Прилеп ќе му го продолжат развојот“, вели Ристески.

Околу 250 километри асфалтна и 140 километри водоводна мрежа, улично осветление, нови паркинг простори се дел од проектите кои се рализирани за време на неговиот мандат. Она што како заслуга го истакнува се и реконструкцијата на Могилата на непобедените, Меморијалниот музеј 11 Октомври, инвестицијата од 6,5 милиони евра во образованието, новата општинска зграда, а прилепската општина ја исканува како прва во која функционира електронското плаќање на даноци.

Kommunalwahlen in Mazedonien

Маријан Ристевски

„Во наредниов период акцент ставаме на економскиот развој на нашиот град, затоа што благодарение на Технолошко-индустриската зона Алинци, Прилеп треба да стане економски лидер во регионот. Новите локации во индустриските зони ’Прилеп 2’ и ’Прилеп 3’ како и веќе продадените градежни парцели во индустриската зона ’Прилеп 1’ се доволен показател дека стопанствениците го увиделе пересективниот развој на Прилеп. Ќе започне изградбата на пречистителна станица за отпадните води со изградба на канализациона мрежа, проект на ЕУ, Владата на РМ и Општина Прилеп, вреден дваесет милиони евра. Во наредниот период за потребите на две урбани заедници ќе изградиме две нови училишта. Ќе се реконструираат градинките со цел да ги зголемиме нивните капацитети за што постои реална потреба. Континуирано ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на наставните и основните и средни училишта во градот и населените места. Ќе продолжиме да ја подобруваме патната инфраструктура до населените места, а Прилеп ќе добие и градски превоз. Ќе се насочиме кон реализација на проектот за изградба на Фабрика за отпад за производство на електрична и био-гас енергија, со што Прилеп ќе стане еколошки лидер во регионов“, зацрта Ристески во својата изборна програма.

Локвенец со граѓаните ги утврдил приоритетите

Црвена нишка која се провлекува низ програмата на кандидатот на СДСМ, Хари Локвенец, како што вели, тој се новите работни места, и тоа во сите сфери на урбаното живеење, спортот, културата, стопанството, образованието. Во овие сфери тој планира поголема култура на живеење.

Kommunalwahlen in Mazedonien

Локвенец

Целна група на неговиот четиригодишен мандат би биле граѓаните на Прилеп, на кои целосно и без исклучок би сакал да им се посвети, потенцирајќи при тоа дека партиската припадност ќе биде избришана. Според него разумен градоначалник е оној што на граѓаните ќе му служи, а нема да владее, се со цел да се реализираат заедничките приоритети. Тој на граѓаните им нуди 50 милиони евра нови инвестиции, 500 нови акумулации и 5000 нови работни места. Нуди развој на алтернативниот туризам, даночни олеснувања за занаетчиите, модернизирање на системот за основно и средно образование, институционална подршка на младите таленти, прифатни центри за бездомници, но и донации по сто евра за секоја родилка и новосклучени бракови. Локвенец исто така планира да ги намали трошоците за нефункционална администрација, а постоечката да ја организира во служба на граѓаните. Во постојаните контакти тој на граѓаните им вети и општински центар за изучување на занаети, развој на алтернативен туризам како и отворање на младински инфо центар.

Тој реализираните проекти на Ристески не ги смета како голема предност на стартот на предизборната трка, бидејќи како што вели, со така големиот буџет, од дваесет милиони евра, можело да се направи многу повеќе посебно во градењето на приоритетите.

„Ние заедно со сите граѓани на Прилеп ја изработвме не само програмата туку и ги утврдивме приоритетите. Од нивните желби произлегуваат приоритетите“, вели Локвенец.

Граѓаните во најголем број, сакаат чесен, работлив и градоначалник кој шанса ќе им даде подеднакво на сите.

„Очекувам идниот градоначалник сериозно да си ја сфати својата работа и да биде ист кон сите граѓани“, вели Магдалена Матракоска, пензионер. „Тој треба да ги цени потребите и барањата на граѓаните, доколку не е така, гласачите знаат и да казнат“, истакнува Матракоска. Без разлика кој ќе биде избран, таа смета дека поголеми шанси да им се дадат на младите.

Кому граѓаните ќе му дадат предност на сите овие замисли, идеи, и планирања и дали Ристески ќе продолжи уште четири години или Локвенец ќе седне во градоначалничката фотелја, ќе се знае на 24 овој месец. Дотогаш тие ќе си ги одмеруваат силите.