1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Тројката повторно ја проверува Грција

Финансиските експерти на ЕУ, ЕЦБ и ММФ се повторно во Атина за да извршат контрола на грчките напори за штедење. Тие, меѓу другото, бараат државниот апарат да стане потенок и поефикасен.

Никој во Грција не се сомнева дека реформите во управата се неопходни. Но, кога станува збор за конкретно спроведување на реформите се протестира или се водат долги дебати.

Дека може и поинаку сакаат да докажат млади менаџери како Стеило Ставридис. Успешниот бизнисмен, по професија инженер, од пред три месеци раководи со атинското претпријатие за водостопанство (ЕИДАП). Негова главна задача е модернизација на претпријатието и намалување на бирократијата.

„Наш проблем е што во Грција ретко кој пројавува интерес за санација на јавните претпријатија. Напротив, многумина се против, затоа што сметаат оти на тој начин не може да се прават бизниси“, објаснува Ставридис. Притоа, се работи токму за спротивното - кој штеди на непродуктивни работни места, ослободува пари за да инвестира, да отвори нови работни места, да го зајакне претпријатието, аргументира тој.

Бирократски пречки

Ставридис знае што зборува. Тој е претседател на „Грчкото движење против бирократија“ и во 2012 година се кандидираше со една либерална партија за место во парламентот. Успех не постигна. Сега има намера да се бори против бирократијата од местото шеф на државно претпријатие. Зошто би му успеало нешто во кое многумина не успеале? Ставридис вели - затоа што времето за реформи е созреано.

Griechenland Athen Demonstration Entlassungen im öffentlichen Sektor

Демонстрации против отпуштања во јавниот сектор во Грција има постојано

Тој наведува пример: кога некој по пукање цевка добие превисока сметка за вода, мора да го увери претпријатието за водостопанисување по писмен пат  дека цевката навистина е пукната: „Тоа е апсурдно. Прво го информираме лицето дека пукнала цевка, а потоа од него бараме писмен доказ дека е така. Вакви апсурдни прописи ќе бидат укинати“, објаснува новиот шеф на Атинското претпријатие за водостопанство.

Тројката (експерти на ЕУ, ЕЦБ и ММФ) од Грција бара укинување не само на вакви бирократски пречки, туку треба да се скратат и голем број работни места во јавните дејности, со што државнит апарат ќе стане „потенок“. Владата во Атина вети дека до 2015 година ќе редуцира 150.000 службенички работни места. Тоа треба да се постигна пред се‘ со предвремно пензионирање на службениците. Тројката, според грчкиот печат, на ваквата намера гледа со скепса и бара Грција директно да отпушти повеќе од 20.000 службеници веќе до крајот на оваа година.

Ваквото барање предизвикува немир во трипартитната коалиција во Атина, дотолку повеќе што „Демократската левица“ отпушатњето службеници го прогласи за табу-тема. Ставридис не дава поддршка на барањето на Тројката, но покажува разбирање: „Контролорите на Тројката се чувствуваат понекогаш несериозно третирани од страна на државниот апарат.“

Тројката гледа со недоверба на политиката во Атина

Поранешниот портпарол на владата Димитрис Циодрас исто така препознава извесна недоверба на Тројката кон политичката класа во Атина.

Symbolbild Akten Dokumente Bürokratie

Треба да се укинат не само бесмислени прописи, туку и целиот државен апарат да стане поефикасен

„Ако не се спроведат структурните реформи, ќе бидат потребни дополнителни мерки на штедење за да се постигнат буџетските цели, така беше договорено“, опоменува Циодрас. Од друга страна, Тројката вети дека 70 проценти од идните буџетски суфицити ќе остануваат кај грчката влада за да може политиката на штедење да се спроведува посоцијално. Аналитичарот Циодрас вели дека се надева оти ќе биде така и додава: „Во секој случај не гледам простор за натамошни кратења на платите и пензиите.“

Според Циодрас, многу би се добило кога државата би ги спроведувала поенергично ветените приватизации. До силни дискусии со Тројката ќе дојде и поради се‘ уште големото затајување даноци во земјата. Договорено беше да бидат вработени илјада нови даночни инспектори, а досега се вработени само 330, нагласува поранешниот портпарол на владата.

Позитивен извештај на Тројката е предуслов за натамошна финансиска помош за Грција, во износ од 8,8 милијарди евра. Покрај сета критика, коментаторите велат дека очекуваат разговорите со Тројката неделава да минат порелаксирано отколку во минатото. Причина за тоа е што се чини оти на дофат е големата цел - Грција да стигне до примарен буџетски суфицит.