1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Тројката“ повторно во Грција

Претставниците на меѓународните кредитори денеска повторно се во Атина. ММФ вети натамошна подршка на земјата, но просторот за шпекулации останува. Опозицијата е против преговори.

Т.н. „тројка“ од ММФ, ЕУ и ЕЦБ треба да изврши проверка дали Грција ги исполнува плановите за штедење, што е услов за да и‘ бидат одобрени натамошни кредити.

Извештајот експертите ќе го поднесат на почетокот на септември. Новата грчка влада на премиерот Андонис Самарас од „тројката“ планира да бара две години повеќе за исполнување на програмата за штедење и реформите. Тоа би значело дека на Грција би и‘ била потребна натамошна финансиска помош од околу 50 милијарди евра.

„ММФ ќе ја поддржува Грција во надминувањето на економските тешкотии“, соопшти вчера претставник на Фондот во Вашингтон. Со тоа тој реагира на извештајот на германски „Шпигел“ според кој ММФ нема да учествува во натамошната помош на Атина. Како извор „Шпигел“ наведе високи по ранг претставници на врвот на ЕУ.

ММФ меѓутоа не зазеде позиција како би реагирал доколку се констатира дека Грција не ги испонува барањата за штедење и реформи.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија Сириза Алексис Ципрас ја повика Владата да престане да преговара со „Тројката“ кредитори и предложи да се свика самит на ЕУ на кој ќе се разговара за поинаква стратегија за Грција.

Во обраќање пред парламентарната група на Сириза, Ципрас уште еднаш ја истакна одлучноста не неговата партија „за динамична акција против приватизацијата“.

Тој исто така ја обвини Владата дека губи време наместо да преговара, со што „ја прифаќа тоталната изолација на земјата“.

Според Ципрас, мора веднаш да се преземат итни мерки за банкрот затоа што програмата пропаднала. Тој нагласи дека „меморандумот банкротира и оти неговите архитекти, како што се ММФ, се првите кои ќе го напуштат бродот“.

„Ако германската канцеларка Меркел сака ние да банкротираме, ќе биде најдобро да ја предизвикаме самата да го каже тоа и да ги сноси последиците. Меморандумот и 72-те економски мерки кои беа најавени пред изборите ќе ја одведат земјата во социјален колапс и оние кои не го сфаќаат тоа едноставно се неспособни и опасни“, нагласи Ципрас.