1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Троен самит во Сочи

Шредер, Путин и Ширак во Сочи

Шредер, Путин и Ширак во Сочи

Германија, Франција и Русија договорија уште потесна соработка на полето на безбедноста. Во иднина тајните служби на Германија и Франција ќе им даваат поддршка на нивните руски колеги во борбата против меѓународниот тероризам, појасни канцеларот Герхард Шредер во изјавата по тројниот самит со францускиот и рускиот претседател Жак Ширак и Владимир Путин во црноморското одмаралиште Сочи.

“Ние не радо зборуваме за оска, туку за тесна соработка, што е важна за сите три земји, а пред се за развивањето стратешко партнерство мeѓу Русија и ЕУ, бидејќи тоа му користи на мирниот економски развој на континентот“ - нагласи канцеларот Герхард Шредер во Сочи.

Самитот на тројката сојузници од времето на Ирачката војна, овој пат се одржа во сенка на уривањето на двата руски авиона спроти претседателските избори во Чеченија, како и на критиките за нивниот недемократски карактер што јавно ги упатија САД и Велика Британија. Канцеларот Герхард Шредер меѓутоа се воздржа од отворена критика на оваа тема. “Толку колку што имам преглед, на изборите не беа забележани никави чувствителни пореметувањa“ - изјави Шредер по средбата и нагласи дека се надева оти новиот претседател Алу Алханов ќе се потруди да изнајде политичко решение со бунтовниците за долгогодишниот конфликт. Германската опозиција меѓутоа јавно побара од канцеларот да ги критикува повредите на човековите права и на слободата на медиумите во Русија. Рускиот претесдател за неделните избори во Чеченија нагласи дека населението во оваа република гласало истовремено за припадност кон Русија.

Што се однесува до уривањето на двата патнички авиона, домаќинот Владимир Путин ја обвини терористичката мрежа Ал Каеда. Овие два атентати покажуваат дека чеченските бунтовници имаат врски со мрежата на Осама бин Ладен. На една интернет страница одговорноста ја презеде познатата исламска групација Бригади на Ал Каеда, за чија вина руските иследници се уште немаат уверливи докази.

Путин и Шредер му дадоа полна поддршка на Ширак што се однесува до напорите за спасување на животите на двајцата француски новинари киднапирани во Ирак. Сите тројца се придружија на меѓународните апели до киданперите за пуштање на слобода на новинарите, но францускиот претседател истовремено нагласи дека нема да допушти никој да се меша во одлуките по прашањето на забраната за носење шамија во француските училишта.

Тројцата шефови на држави и влади на средбата изразија загриженост и околу атомската програма на Иран. Путин во тој контекст нагласи дека ќе побара од иранското раководство државни гаранции дека нуклеарната технологија што им ја испрачува Русија нема да биде исползувана за воени цели, туку само како што е и предвидено - за миронодопско користење на атомската енерија. Ние сме категорично против проширувањето на клубот на атомски сили, изјави Путин во Сочи. Гостинот од Берлин додаде дека состојбата во Иран сепак остава простор за загриженост, бидејќи Иран не се придржува до крај на договорот за неширење а томско оружје.

Конечно, Путин им вети на двајцата угледни гости дека Русија и понатаму ќе ја зголемува експлоатацијата на нафта и со тоа ќе придонесе да не се зголеми цената на црното злато на светските пазари. Пред се германскиот канцелар Шредер изрази стравување дека евентуалното понатамошно зголемување на цените на нафтата може да го загрози опоравувањето на германското стопанство.