1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трнлив пат до нов светски договор за заштита на климата

14-тата конференција на ОН посветена на климата, што се одржува во полскиот град Познањ, влегува во решавачката фаза. Но, главната задача, според се’ изгледа дека ќе остане да се заврши во наредната година.

default

Плакат за конференцијата за климата во Познањ

На последните два дена на конференцијата присуство најавија министри за екологија од околу 150 земји. Тие треба да се погрижат да биде постигната целта на мамутскиот собир со околу 10 илјади учесници - до утре да биде поставена рамка за нов светски договор за климата. Во финишот на конференцијата ни министрите, всушност, не ќе можат да постигнат нешто спектакуларно, оти на маса не ги чека ништо подготвено. Од друга страна, шефовите на држави или на влади мораат да се погрижат прво за конјунктурата, па за спасување на климата не останува доволно време.

Германскиот министер за екологија Зигмар Габриел радо би сакал побрзо да се оди напред, но него го кочи прво сопствениот канцелар и второ, меѓународната дипломатија за климата. „Конференцијата овде е важен чекор на патот кон нов договор за климата, кој треба да биде склучен во Копенхаген наредната година. Но, не ќе може да се дојде до решенија што ќе значат пробив“. Габриел укажува дека секогаш кај таквите решенија се поставува и прашањето кој има какви економски интереси и како да се организира порамнување на интересите меѓу земјите во развој, земјите во подем и индустриските земји. „Тоа ќе биде постигнато дури во наредната година“ - вели министерот.

Назадување наместо чекор напред

Posen Proteste Polen

Протести во градот Познањ каде се одржува конференцијата на ОН


Со години трае спорот околу ветените пари за помош на земјите во развој, за да можат да се прилагодат на промените на климата - и продолжи и на конференцијата во Познањ. Темпераментни дебати во кулоарите предизвикува и променливиот став на Европејците во однос на заштитата на климата. Штефан Зингер, претставник на една еколошка организација од Брисел, вели: „За земја како Германија, која порано со право полагаше аспирации дека е една од водечките во областа на чиста енергија и заштита на климата, ова е доказ за неспособност. Катастрофално е ако се види дека имаме само уште една година време за да ја подготвиме третата индустриска револуција. Наша проценка е дека ние дури назадуваме, заостануваме и зад резултатите од конференцијата во Бали - и во тоа значителен удел имаат ЕУ и Германија“.

Многу е важно каков сигнал ќе дојде од Брисел

Оттука, многумина учесници на конференцијата со одредена загриженост гледаат кон Брисел: ако во планираниот пакет на ЕУ за заштита на климата бидат направени позначителни отстапки, тогаш тоа би бил сосем лош сигнал и за преговорите во Познањ. Овде вниманието го свртуваат земји како Мексико, Бразил или Јужна Африка со добороволни иницијативи за заштита на климата и шумите. Тоа дополнително ја става под притисок ЕУ, вели германскиот министер за екологија. „Сметам дека е добро тоа што го прават овие земји. ЕУ мора да внимава да не се најде во ситуација од овен-предводник на полето на заштитата на климата, да се претвори во недоверлив партнер“. Со новиот претседател Американците се на многу подобар пат, вели Габриел и укажува: „Затоа е важно во Брисел не само да бидат потврдени целите, туку и инструментите што ќе бидат усвоени навистина веродостојно да овозможуваат постигнување на тие цели“. Министерот притоа ја има предвид пред се’ трговијата со емисии на штетни гасови - таа е клучот за функционална политика за заштита на климата. Но, токму околу тој инструмент се водат жестоки спорови во Брисел.