1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Трка по гласачи со неинвентивни слогани

Големи билборди, мали паноа, испишани огради на градилиштата, оптегнати пораки над булевари, од секаде демнат или се препознаваат изборните слогани на македонските политички протагонисти пред парламентарните избори.

default

Често се заборава кому е наменета пораката...

„ Дојдете со нас“ (ДПА), „Да го вратиме достоинството“(НДП), „Заедно до целтта“ (ДУИ), се мотивирачките пораки за албанскиот електорат. Македонскиот политички кампус-за првпат без традиционалните патриотски или таканаречени државнички слогани во чија основа е Македонија, ако се исклучи „Тука сме да ја кренеме Македонија на нозе“(ВМРО-НП). Другите пораки се: „Има излез“ (ЛДП), „Реформите ќе победат“(ВМРО-ДПМНЕ), „Слобода или смрт“(Обединети за Македонија) , „За твојата иднина“ (СДСМ)...

Набрзина кроени слогани?

Понудените слогани за предвремените избори покажуваат неинвентивност, често се директни и неаосоцијативни, што е прв индикатор дека ангажираните стручњаци и агенции за односи со јавноста или брзале, немале време за оригиналности или честите гласања придонесуваат за понудените излитени фрази, велат консултираните експерти за оваа област.

Nikola Gruevski Mazedonien Wahlkampagne Parlamentswahlen VMRO DPMNE

Реформите ќе победат, велат од ВМРО ДПМНЕ

„Ако слоганот е инвентивен и носи некоја порака, тоа влијае врз електоратот. Ние сите го паметиме слоганот на Барак Обама, ’Да, ние можеме’, кус јасен, стимулативен. Кога слоганот нема никаква врска со партијата или личноста, тоа може да донесе само штета. Рационалноста во актуелните слогани е прагматична, зашто луѓето се уморни од политика и вртење во круг во изминативе дваесет години. Не може да видиме креативност, визионерство или лидерство во понудените слогани“, оценува, за Дојче веле Жанета Трајковска од МИМ. За неа како експерт за политички маркетинг особено симптоматични и несоодветни за привлекување на неопределените се изреката „Ни змија, ни магаре“, со која либералдемократите тргнаа во кампања за прв пат без намера за коалицирање, во обид да се дистанцираат и од левицата и од десницата. Втората е на Обединети за Македонија. „Груевски ја носи државата во смрт, ние со ЕУ И НАТО во слобода“. Вака го објаснуваат спорниот повик, како модификација на оној од староилинденците 1903 - „Слобода или смрт“, што во модерна верзија, го презема Љубе Бошковски, како лого на неговата партија Обединети за Македонија. Трајковска за овој мотив вели:

Wahlkampagne Mazedonien Parlamenstwahlen SDSM Skopje 15.05.2011

СДСМ ветува подобра иднина

„ Кога прв пат ја чув таа порака, како гласач се запрашав - кои вредности ми ги носи како оценка или мотив да гласам?“

Провокативните и содржински слогани будат интерес

Коле Чашуле, главен уредник на весникот „Време“, наоѓа многу сличности меѓу насловот во весникот и слоганот. Тие секогаш продаваат приказна.

„Но, ако сакате некој да ви ја прочита програмата, тоа треба да биде врзана со провокативен слоган. Кај нас тие ниту се куси ниту се паметат. Тие во Македонија станаа како клише-иднина, реформи, заедништво, манифест, така што нема партија која досега не ги користела во различни верзии“, заклучува Коле Чашуле.

Слоганот преставува спакуван производ во политичката самопослуга, што ќе го задржи вашето внимание и ќе ве замисли дали да го купите, вели метафорично Марко Трошански од Институтот за демократија.

„Тоа е како вкрстен притисок во самопослуга, во која стоите пред понудените призводи и не знаете што да одберете. Таа дилема е резултат на големата медиумска понуда на различни реторички производи (слогани н.з.) со што сакаат да го придобијат вашето внимание како гледач или купувач“.

Американизирање на кампањите

Според Назми Рушиди, независен консултант, кај албанските партии се видливи обиди за американизирање на кампањите, особено настапите на сцена, иако и кај нив се забележува замор кај понудените слогани.

Wahlkampf in Skopje Mazedonien

Некои од слоганите на партиите долго се памтат

Во дведецениската историја на десетината изборни циклуси за најискрени, инвентивни и мотивирачки слогани се сметаат публикуваните од трансформираните комунисти на Петар Гошев. Тие за време на првите плуралистички избори настапијата со мотивот „Македонија нема време за чекање“, но вредност има и победничкиот изблик на ВМРО-ДПМНЕ, предводен од Љубчо Георгиевски, „За промени“, од изборите во 1998 година.

Нашите соговорници велат дека и двете пораки денеска би биле доволно зрели и мотивирачки и за овие парламентарни избори.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM