1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трка за наклонетоста на новата Либија

Никола Саркози и Дејвид Камерон деновиве беа во Либија, а исто така и Реџеп Таип Ердоган. Почната трката за наклонетоста на новите властодржци, бидејќи се очекуваат многу лукративни зделки. Дали Германија „ќе извиси“?

default

Саркози, Камерон, Ердоган - списокот на странските државници кои деновиве го посетија Триполи е се’ подолг. Почна трката за наклонетоста на тазе ослободениот либиски народ, чија земја, благодарение на богатите резерви на нафта, се смета една од најбогатите на северот на Африка.

Некогаш Европејците доаѓаа како колонијални господари или за да бидат примени од Гадафи во неговиот бедуински шатор - нешто што од денешна перспектива делува прилично неславно. Но сега, францускиот претседател Саркози и британскиот премиер Камерон се претставуваат како ослободители. Велика Британија и Франција го понесоа главниот товар на акцијата на НАТО. Без нив, веројатно, не би била можна победата на либиските бунтовници.

Саркози прв го призна либискиот Преоден нациоанален совет и уште од почетокот се залагаше за воена акција. Британија понесе голем дел од товарот за време на воените акции.

Саркози и Камерон го посетија Плоштадот на мачениците во бунтовничкиот центар Бенгази. Снимките од тој настан убаво ќе ја украсат предизборната кампања на Саркози, а и Камерон би можел да профитира од патувањето со оглед на големиот притисок со кој е соочен дома.

DW Deutsches Programm Daniel Scheschkewitz

Даниел Шешкевиц

Вносните бизниси со суровата нафта, притоа, би можеле да станат добредојдена воена дивиденда за скапите воздушни напади.

Германија се обидува да го надокнади загубеното

И турскиот премиер Ердоган токму деновиве се упати кон Северна Африка за да поработи на профилирањето на неговата земја како нова регионална сила. Ни тој не сака да ја пропушти можноста за прослава на големата победа.

А Германија? Иднината ќе покаже дали на Германија ќе и‘ биде простен воздржаниот глас во Советот за безбедност на ОН при гласањето за воената акција. Сигурно е дека германските фирми нема да бидат на прво место кога ќе станува збор за нови инвестиции, но нема да бидат ниту последни. Германското знаење и технологија се многу барани во арапскиот свет.

Впрочем, Германија им даваше поддршка на либиските бунтовници на други начини, освен воениот. Националниот преоден совет тоа веќе го забележал и тоа би требало да ги спречи негативните чувства кон Германија. Во создавањето на новата држава во Либија, секако би било добредојдено германското искуство што се однесува до преодот од диктатура во правна држава. А, доколку сите Европејци заеднички сакаат да и‘ помогнат на Либија во нејзиниот нов почеток, Германците тоа сигурно ќе го поддржат.

Автор на коментарот: Даниел Шешкевиц

Превод: Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска