1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Трката по извори на суровини може да води до економска и политичка нестабилност

Германското издание на извештајот на Ворлдвоч Инститјут беше презентирано во Берлин во присуство на сојузниот министер за развојна помош Хајдемари Вичорек-Цојл.

Хајдемари Вичорек-Цојл

Хајдемари Вичорек-Цојл

Во годишниот извештај за состојбата во светот реномираниот Ворлдвоч-институт од Вашингтон годинава во фокусот го стави наглиот стопански подем на Кина и на Индија, како и се’ почувствителните влијаниеја од тоа врз глобалната природна околина. Ворлдвоч-институтот, со оглед на таквиот стопански развој, бара глобален пресврт во политиката спрема ресурсите. Шефот на оваа институција Ојстен Дале, Норвежанец по потекло, при претставувањето на извештајот во Берлин предупреди на драматичните еколошки последици доколку обете земји ги преземат потрошувачките навики на западните индустриски држави.

Во опасностите се кријат и шанси, а наша цел, како партнер за глобалниот развој, е заедно со партнерите во светот да најдеме решенија за глобалните предизвици, укажа германскиот министер за развојна помош Хајдемари Вичорек-Цојл. Станува збор за остварувањето на милениумските цели, односно сузбивање на сиромаштијата во светот.

Од германски агол на гледање, Кина и Индија, врз основа на растечката економска и политичка тежина, регионално и интернационално придобиваат клучна улога. „Нашата економска и развојна соработка со Кина и Индија ја сфаќаме како дел на глобалната политика во однос на ресурсите и климата. На пример, во германско-индискиот енергетски форум главни теми се енергетска економичност и обновливи енергии. Во стратегиското партнерство со Кина придонесуваме за модернизација на застарените електроцентрали со погон на јаглен, за зголемување на степенот на ефикасност, за развој на обновливи енергии“.

Вичорек-Цојл нагласи дека Кина ветила оти до 2020-та година до 15 проценти од потребите на енергија ќе задоволува од обновливи извори. Таа укажа и на последиците врз Африка: „Кина е активна во Африка во обезбедувањето извори за потребите од нафта и дрво, во уништувањето на шумите. Промената на таа ’енергетска патека‘ значи и на Африка да и’ се овозможат подобри перспективи и да се спречи експлоатацијата на ресурсите“.

Ралф Фукс, член на раководството на фондацијата „Хајнрих Бел“, блиска до партијата на Зелените, предупреди дека трката по извори на суровини може да води до економска и политичка нестабилност: „Ние веќе сега гледаме заострен натпревар околу ресурсите на нафта, гас, бакар, цинк и други ограничени извори и стоиме пред опасност од глобален натпревар за сфери на влијание и од стратегиски алијанси со режими во земји богати со суровини, без обѕир на демократијата и човековите права“. Како пример Фукс наведе дека борбата за суровини веќе сега ја определува кинеската политика спрема Судан и Иран.