1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Три децении од Фокландската војна

Пред точно 30 години Аргентина ги зазема Фокландските острови, кои тогаш, како и денес, се под суверенитет на Велика Британија. Не се сметаше на воениот одговор од Лондон. Сепак, тој беше брз и одлучен.

Пред зори на 2-ри април 1982 година аргентинските сили лесно ги заземаа Фокландските острови, кои се наоѓаат на само 400 километри од аргентинското копно. Борбените бродови, без најава за војна, едноставно впловија во Порт Стенли. На островите, кои век и половина беа под суверенитет на Велика Британија, имаше само стотина полицајци и војници, кои веднаш капитулираа. Тоа е воведот во крвавиот конфликт, во кој животот го загубија 649 аргентински и 255 британски војници, како и тројца цивили на островот. Речиси ист број луѓе се вратија од војната со тешки трауми и депресии.

Војна за внатрешна употреба

„Тоа не меше мудро. Тоа беше очајничка одлука на убиствениот режим и секако дека тоа не беше исправна одлука“, вели денес Марсело Леирас, политиколог од Универзитетот во Буенос Аирес. Одлуката за инвазија на Малвинските острови, како што ги нарекуваат Аргентинците, ја донесе воената хунта, која владееше со земјата од 1976. Годината што и претходеше на воениот поход беше година на рецесија, пад на вредноста на пезосот и година во која куповната моќ на населението во Аргентина падна за петтина. Тоа предизвика промена во врвот на воената власт. На чело на земјата дојде Леополдо Галтиери со идеја да ја врати популарноста со враќање на Фокландите под суверенитет на Аргентина.

Leopoldo Galitieri und Mario Menéndez

Леополдо Галитери и Марио Менендез, гувернерот на Малвинските острови, како што ги нарекуваат Аргентинците, за време на аргентинската инвазија на Фокландите

Одговор на челичната лејди

Аргентинците не ги сакаа властодршците, но и тогаш, како и сега, сметаа дека Фокландите им припаѓаат. Затоа, интервенцијата и почетниот успех наидоа на одобрување во земјата. Самозадоволството на Галтиери траеше кратко, бидејќи тој не е единствениот што имал проблеми со популарноста тие денови. Истата мака ја мачеше и Маргарет Тачер – свежата премиерка, чии економски идеи во тоа време не ги воодушевуваа Британците. Веќе на 3-ти април 1982 година челичната лејди врти друга страница.

Импозантна беше воената сила што тргна да ги врати под кралската круна островите оддалечени 12.700 километри. Набрзо ќе се покаже дека 27.000 војници и 100 воени бродови се премногу јака сила за осиромашената и слабо опремена аргентинска војска. Имено, воената хунта ги испрати на островите младите регрути од генерацијата 62-ра и 63-та. Тие на дождливите и ветровити Фокланди беа испратени во летни униформи, без резервна облека, а по неколку недели мораа да бараат храна по отпадите. Според сведоштвата на некои од нив, војниците за време на конфликтот од два и пол месеци се искапеле само еднаш и загубиле помеѓу 10 и 20 килограми од својата тежина. А, Британците од старт беа убедени во победа.

„Ја подготвувавме морнарицата за потенцијален конфликт со Советите во Северниот Атлантик. Тоа беше нашата единствена задача откако се повлековме од Далечниот Исток во доцните 60-ти. Навистина бевме интензивно и професионално подготвени за посериозни закани, отколку што беше Аргентина“, се сеќава адмиралот Џереми Сандерс.

Епилог на војната

25 Jahre Falkland-Krieg

Клучен момент во конфликтот беше потопувањето на аргентинскиот брод „Генерал Белграно“

Пресвртен момент беше потопувањето на огромниот аргентински воен брод „Генерал Белграно“. Него го детектирала британската подморница „Освојувач“ и по стриктното одобрение на премиерката Тачер го торпедирала со три проектили. Во тој напад загинаа 323 аргентински морнари. По бројни напади од воздух и од море, капитулацијата беше потпишана на 14-ти јуни. По крајот на диктатурата во Аргентина, водачот на хунтата Галтиери и неговиот шеф на морнарицата беа изведени пред суд и осудени на 12 години затвор поради започнатата војна. Неколку години подоцна, контроверзниот претседател Менем ги ослободи. Во меѓувреме, и двајцата починаа.

Фокландите денес

На островите денес има околу 3.000 жители и 1.200 британски војници. Околу секоја годишнина се покренува прашање за суверенитетот, а децата во Аргентина и денес учат дека Малвинските острови се дел од нивната земја.

„Нели е малку чудно Британија, која е толку далеку, да има суверенитет над островите?“, прашува политикологот Марсело Леирас. Но, британскиот експерт Џорџ Грант не гледа ништо чудно во тоа. „Ако канадската влада утре тврди дека има право на Алјаска, бидејќи и е географски блиску, сите тоа со право ќе го отфрлат како глупост“, забележува Грант.

Die britische Flagge weht über der Ajax Bay auf den Falkland-Inseln

Британско знаме на Ајакс Беј на Фокландите

Познавачите веруваат дека пред војната Маргарет Тачер била подготвена да преговара со Аргентина за враќање на Фокландите, слично како што Хонг Конг е вратен на Кина. Денес за тоа не станува ниту збор.

„Би сакале да преговараме со Аргентинците за се’, освен за суверенитетот. Суверенитетот не е за трговија“, вели сегашниот премиер Дејвид Камерон. Дипломатската борба на Лондон и Буенос Аирес се заостри, бидејќи Британците најавија ископување на нафта под океанот во близина на островите.

Жителите на Фокландите, од друга страна, и денес стравуваат од прелетите на аргентинските авиони и минувањата на бродовите, бидејќи стравуваат од нови неволји. Од војната имаат премногу спомени и денес. Преубавата песочна плажа покрај градчето Стенли е неупотреблива, бидејќи Аргентинците ја минираа за време на инвазијата. На плажата можат да се видат само пингвини – овие животни се прелесни за да активираат нагазни мини.