1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Триумф на Бајерн Минхен на Вембли

Борусија Дортмунд во голем дел од натпреварот беше подобар тим. Но погодокот на Холанѓанецот Аријен Робен кратко пред крајот на натпреварот му ја донесе победата на Бајерн Минхен.

Во 2010. година загубија, во 2012. дури и домашниот терен, Алијанц арената во Минхен, го напуштија со наведнати глави. На третото учество во финалето на Лиганата на шапмионите во последните четири години Бајерн Минхен конечно стана европски клупски првак, победувајќи го во првото германско-германско финале во Лигата на шампионите ривалот од Бундеслигата Борусија Дортмунд со 2 спрема 1.

Голема победа, која ја крунисува изворедната рекордна сезона на фудбалерите на Бајерн, кои по 2001 година повторно го донесоа пехарот во Минхен. Голема победа и за тренерот на Бајерн Јуп Хајнкес, кој својата долгогодишна кариера ја круниса со победа во кралската класа.

Дортмунд - непријатен противник

Пред 86.000 гледачи во распродадениот Вембли стадион, Дортмунд уште на самиот почеток се наметна како непријатен противник. Тие се обидоа, одбранбените играчи на Бајерн Минхен да ги принудат да ја загубат топката уште во сопствениот казнен простор. Марко Ројс го замени повредениот Марио Геце како централен организатор на играта во нападот, Кевин Гроскројц играше на левото крило. Дортмунд притискаше и прв имаше шанса за погодок: во 14 минута Роберт Левандовски меѓутоа со удар од далечина не успеа да го совлада голманот на Баварците, Мануел Нојер. Кратко потоа тој го одбрани и ударот од кратко растојание на Јакуб Блажиковски. Добри шанси пропуштија по еден контранапад и Ројс (20) и Свен Бендер (22). До тогаш црно-жолтите водеа по бројот на изведени корнери со 5:0

Бајерн Минхен не можеше да влезе во игра, постојано беше под притисок и агираше невообичаено често со долги топки во нападот, кои ретко стигнуваа до напаѓачите. Речиси не се гледаше присуството на Бастијан Швајнштајгер кој при загревањето полесно се повреди на стапалото и мораше да биде медицински третиран.

Негативна слика остави Франк Рибери кој под притисок на Левандовски замавна со лактите и го погоди полскиот интернационалец во лице. Прекршок кој остана неказнет, а за кој Рибери можеше да добие црвен картон. Првата голема шанса за гол кај Баварците ја имаше Марио Манџукиќ, но големанот на Борусија Роман Вајденфелер го одбрани ударот, за кратко потоа успешно да му е спротистави и на Аријен Робен.

На почетокот на второто полувреме и двата тима го задржаа високото темпо на игра и се обидоа со брзи кратки додавања да стигнат до противничкиот гол. Шансите меѓутоа во првите петнаесетина минути од второто полувреме беа ретки, додека конечно не падна првиот гол. Хрватскиот интернационалец во дресот на Бајерн Минхен, Марио Манџукиќ на додавање од Робен погоди за 1 спрема 0 (60.)

Само осум минути подоцна стигна одговорот од црно-жолтите. По прекршокот од Данте во шеснаесетникот на Бајерн врз Ројс беше досуден пенал за Борусија Дортмунд, кој успешно го реализираше Илкај Гундоган за 1 спрема 1. (68.).

Точка на натпреварот стави Аријен Робен кој по додавањето на Рибери во 89. минута од натпреварот го постигна одлучувачкиот гол за победа на Бајерн Минхен од 2 спрема 1.

„Тоа беше тесен натпревар и дуел на исто рамниште. Имавме многу шанси, исто така и Дортмунд“, изјави Робен по натпреварот.

Конечно, конечно, конечно!

По три обиди во последниве четири години, Бајерн Минхен конечно ја освои Лигата на шампионите и може да ја круниса оваа сезона со уште една титула. Наредната сабота (1.06.) Бајерн Минхен ќе се обиде да го освои и Купот на Германија. За противник ќе го има Штутгарт.

Борусија Дортмунд дома се враќа како губитник, но со крената глава. Тимот на Јирген Клоп беше изнанедување во оваа сезона на Лигата на шампионите спротиставувајќи им се на големи фудбалски клубови во Европа како Ајакс Амстердам, Манчестер Сити или Реал Мадрид.