1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тристрана размена на заробеници со посредство на Катар

По макотрпни преговори зад кулисите, успешно е извршена мултилатерална размена на заробеници меѓу Сирија, Либан и Турција. Клучна улога во преговорите и посредувањето притоа имал Катар.

Двајцата турски пилоти, кои беа грабнати на 9. август во Бејрут, повторно се на слобода. Тие синоќа пристигнаа во Истанбул (на насловната фотографија), каде ги поздрави лично премиерот Реџеп Таип Ердоган на аеродромот „Ататурк“, заедно со градоначалникот Кадир Топбаш. Тие пристигнаа од Бејрут, каде претходно синоќа (19.10) беа предадени од либанските власти. Турските телевизии во живо го пренесуваа пристигнувањето на Мурат Акпанар и Мурат Агџа на аеродромот во Истанбул со катарски приватен авион.

Тоа е дел од меѓусебната размена на заробеници меѓу трите земји. Деветтемина Либанци, кои беа ослободени по 17 месечно заложништво од страна на сириските бунтовници, вчера исто така се вратија во Либан, благодарение на тристраната размена, со која се овозможи истовремено ослободување на двајцата турски пилоти. Сложениот договор, кој е постигнат со посредство на Катар, како и со помош на палестински претставници, предвидува исто така ослободување на околу 200 жени, кои се затворени во затвори на сирискиот режим.

Либанските заложници беа ослободени завчера и префрлени во Турција, каде вчера му беа предадени на шефот на Службата за безбедност на Либан, генералот Абас Ибрахим. Тој ги придружуваше од Истанбул до Бејрут во авионот на Катар, заедно со катарскиот министер за надворешни работи Халед ал Атија.

Роднини и пријатели, либански политичари и духовни лидери ги пречекаа деветтемина мажи на аеродромот во Бејрут, каде десетици војници се обидуваа да ја контролираат насобраната толпа.

Libanesische Geiseln nach über einem Jahr wieder frei

На слобода се и либанските заробеници

„Им благодариме на Катар, Турција и на претседателот Асад кои ја олеснија оваа тешка мисија“, изјави Ибрахим.

Единаесет либански шиити, враќајќи се од аџилак во Иран, беа киднапирани од сириските бунтовници во мај 2012. година, во провинцијата Алепо. Двајца од нив беа ослободени кон крајот на минатата година. Сириските бунтовници ги обвинуваат дека се членови на Хезболах, шиитска либанска групација, која го поддржува режимот на Башар ал-Асад. Киднаперите прво побараа од Хезболах да го запре своето мешање во граѓанската војна во Сирија, но потоа барањата ги сведоа на ослободување на околу 200 жени од сириските владини затвори. Киднапирањето на аџиите предизвика серија киднапирања од страна на шиитски ограноци во Либан. Двајцата турски пилоти беа киднапирани на 9 август од вооружени лица, кои од заседа го нападнаа автобусот на екипажот на турската авикомпанија, кој патувал од аеродромот „Рафик Харири“ кон хотел во Бејрут. Непознатата дотогаш шиитска групација „Зуар имам ал Реза“ ја презеде одговорноста за киднапирањето и побара од Турција да го искористи своето влијание врз сириските бунтовници за ослободување на либанските шиити.