Триесетдневен притвор за Бошкоски | Македонија | DW | 07.06.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Триесетдневен притвор за Бошкоски

Екс-министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски ноќта ја мина на распит кај истражен судија. Уапсен е под обвинение за наводно незаконско финансирање на предизборната кампања. Неговите приврзаници протестираа пред судот

Љубе Бошкоски беше приведен вчера (06.06)

Љубе Бошкоски беше приведен вчера (06.06)

На Љубе Бошкоски му е одреден 30 дневен притвор, по сослушувањето кај истражен судија. При вчерашното апсење, од полицијата тврдат дека кај Љубе Бошкоски биле пронајдени 100 илјади евра и пиштол. Полицискиот портпарол Иво Котевски тврди дека Бошкоски во текот на кампањата уште во два наврати примал пари од трето лице, чиј идентитет не се открива. Министерството за внатрешни работи го следело и прислушкувало Бошкоски во изминатите два месеци, практично во текот на целата предизборна кампања, во која тој ги бараше гласовите на граѓаните како лидер на партијата Обединети за Македонија.

Oд полицијата тврдат дека кај Љубе Бошкоски биле пронајдени 100 илјади евра и пиштол

Oд полицијата тврдат дека кај Љубе Бошкоски биле пронајдени 100 илјади евра и пиштол

„МВР во изминатиот период документираше други два случаи во кои осомничениот, на ист таков, незаконски начин, прими пари. Станува збор за суми од 10 и 20 илјади евра, коишто беа употребени во кампањата“, изјави Котевски.

Бошкоски беше уапсен неполни 24 часа по завршувањето на изборите, на кои неговата партија не успеа да освои ниту едно пратеничко место. Бошкоски водеше жестока антивладина кампања, во која остро ги напаѓаше премиерот Никола Груевски и неговиот братучед, шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Семејството се сомнева во политичка пресметка

Сопругата на Бошкоски, Виолета, тврди дека тој е политичка жртва на актуелната власт и протестираше поради односот на надлежните кон неа.

„По чекањето тука, пред полициската станица, никој не се осмели да дојде и да ни‘ каже зошто Љубе се наоѓа во станицата. Го изнесоа преку тајни канали и не ни‘ дозволија да го видиме“, изјави Виолета Бошкоска.

Бошкоски беше уапсен во сличен манир како и многумина пред него во изминатиот период - пред телевизиски камери, со лисици на рацете и под силно обезбедување. Стотина негови роднини, пријатели и приврзаници во текот на ноќта го блокираа булеварот пред зградата на Судската палата каде се одржуваше сослушувањето, а двајца од нив беа уапсени од полицијата.

Бошкоски водеше жестока антивладина кампања

Бошкоски водеше жестока антивладина кампања

Формално, полицијата го сомничи Бошкоски дека сторил кривично дело незаконско финансирање на изборната кампања и злоупотреба на службената должност, со оглед на тоа дека е лидер на политичката партија. За делото е предвидена затворска казна од најмалку 8 години.

„Апсењето на Љубе Бошкоски претставува брутална злоупотреба на државните механизми за политички реваншизам и демонстрирање на примитивна сила“, рече денеска (07.06) Никола Поп Илиев, шеф на РИШ на Обединети за Македонија „Ваквата акција на власта доаѓа во текот на изборниот процес, кој се‘ уште трае, но тоа нема да не‘ заплаши и спречи да изнесеме докази за сериозни нерегуларности кои беа присутни во текот на целиот изборен процес, повторно
во интерес на демократијата“, рече Поп Илиев, додавајќи дека „апсењето на лидерот на ОМ е очајнички обид на власта за дестабилизирање на партијата“. Поп Илиев рече и дека во просториите на партијата не бил направен официјален претрес. Поп Илиев денеска тврдеше „најодговорно дека во кампањата немало
нелегални пари“.

Автор: Борис Георгиевски/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM