1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Третиот свет во Трансилванија

Во романското село Санкраиени пред четири години дојде до расистички безредија против Ромите. Ситуацијата полека се смируваше, преку ангжаман на една социјална работничка, која и самата е Ромка.

Мартовските денови во овој крај на Романија се ледени, термометарот во некои утра покажува и минус 12 степени. Снегот ќе се стопи дури за неколку недели. Тогаш надничарите можат да бараат работа на нивите на селаните.

Ромите во селото чекаат. Долгите зимски месеци ги преживуваат само со екстремно ниската социјална помош. Едно семејство со три деца добива вкупно околу 100 евра, вклучително и детскиот додаток. Да се купат дрва за огрев не може да си дозволи никој. Луѓето во шумата собираат суви гранки за да ги загреат своите малечки колипки. Децата претпладне одат на училиште. Жените готват пченкарна каша или компири на железна печка, а има и урда, кромид и понекогаш и некое парченце сланина. Мажите одвреме навреме се загреваат во селската кафеана со по едно кафе.

„Ве молам, можете ли да се погрижите да добиеме дрва за огрев?“, моли Јанош Гранца, кој е „Булибаша“, еден вид највисок претставник на Ромите во селото. Потоа се распрашува за работа во Германија. „Работиме се‘, градежни работи, земјоделски, се‘!“

Porträt Roma in Sancraieni Rumänien

Јанош Гранца (со синот) во странство би работел, како што вели - се‘!

Насилство против Ромите

Санкраиени е село во источна Трансилванија. Во него има околу 2500 жители, претежно припадници на унгарското малцинство, но и околу десет проценти Роми. Општината не е богата, но е подобро ситуирана од многу други села во околината, затоа што има добар работодавач - претпријатието за полнење минерална вода „Перла Харгитеи“, во кое работат околу 250 луѓе. Освен тоа, во местото има и неколку мали пилани.

Ромите, меѓутоа, не чувствуваат ништо од скромната благосостојба во селото. Тие живеат во страшна мизерија, како што би се претпоставувало дека се живее во некоја земја од Третиот свет, но не и во земја на ЕУ. Дел од Ромите живеат во населба слична на слам директно на главната улица на селото, во полураспаднати колиби низ кои завива ветрот, заедно со козите, кокошките и кучињата. Речиси сто луѓе имаат само една единствена чешма. Нема канализација, а на крајот на плацевите стојат две дрвени кабини - тоалетите. Во една единствена соба живеат до десет луѓе. Во повеќето простории има само кревети, печка и маса.

Покрај драматичната сиромаштија, во јули 2009 година се случија расистички безредија. По една тепачка со ножеви меѓу еден Ром и Унгарец, унгарските жители на селото запалија една штала, ги опустошија колибите на Ромите и друи привремено и ги истераа Ромите од селото. Само благодарение на огромниот број полицајци беше спречен линч. Тоа беше првпат, заедно со сличен случај во соседно село, во Романија да избијат антицигански безредија, по бранот насилство сличен на погром против Ромите од почетокот на 1990-тите.

Porträt Roma in Sancraieni Rumänien

Благодарение на Јони Емесе (во средина) ромските деца првпат сите биле вакцинирани

Нема истрага против подметнувачите на пожари

Ромот вклучен во тепачката подоцна беше осуден на девет години затвор, а против унгарските селани кои подметнуваа пожари не беше покрената ниту истрага. Градоначалникот Ерно Шекелеј дури и ги принуди претставниците на Ромите во селото да потпишат таканаречен „Пакт за мирен соживот“. Согласно тој договор, Ромите мораа некое време да се откажат од одгледување животни и да се обврзат на „цивилизирано однесување“.

Непосредно по безредијата, во селото почна редовно да доаѓа социјална работничка и посредник, 40-годишната Емесе Јони. Таа завршила студии по социологија и и самата е Ромка, а живее во градот во близина - Миеркуреа Чук. Таа селото го познава подолго време, од 2006 година социјалната работничка одржува редовни контакти со Ромите.

По безредијата од 2009 година, во селото доаѓала секојдневно, по неколку часа, прво волонтерски, а потоа со договор за работа од Советот на општината. Таа ги советуваа Ромите околу секојдневни прашања, на жените им дава совети поврзани со сексуалноста, заштитата од бременост и планирање на семејството, организирала посета на лекар, посета на владини институции, запишување на децата на училиште и курс за описменување на возрасните. Но, пред се‘ била на лице место кога требало да се смират конфликтите меѓу соседите.

Porträt Roma in Sancraieni Rumänien

Учителката Кинга Томпос се залага за интергација на ромските деца и на возрасните

Тешки услови за работа на социјалната работничка Јони

Мали резултати од работата се покажале наскоро. Емесе Јони, на пример, се погрижила за тоа првпат да бидат вакцинирани сите деца на Ромите. Дел од возрасните научиле да читаат и  пишуваат. Освен тоа, сите Ромчиња наскоро оделе редовно во основното училиште во селото.

Но, во јануари годинава завршила работата на Емесе Јони. Советот на општината веќе не и‘ го продолжил договорот. Официјалното образложение гласи: таа прифатила друга работа. Емесе Јони навистина од почетокот на годината работи како ополномоштеник за прашања на Ромите во градот Миеркуреа Куч, но нејзината работа во Санкраинеи таа сака да ја извршува и натаму. Сега, како што цврсто им вети на Ромите во селото, останува нивен партнер за разговор и тоа ќе го прави волонтерски.

Но, се чини дека некои луѓе повеќе би сакале да се ослободат од нејзе. Градоначалникот Ерно Шекелеј налутено вели: „Не можам да тврдам дека госпоѓа Јони овде недостига.“ Тој не може да ја сфати смислата на социјалната работа. А Ромите? „Се‘ е во најдобар ред“, вели Шекелеј. „Мнозинството Цигани се прилагодија и го променија начинот на однесување, но во одреден смисол остануваат какви што се, им останува циганското.“

Заеднички кампови како поттик на толеранцијата

Емесе Јони не коментира вакви реченици, но може да се забележи дека ја растажуваат. Таа е горда на својата работа, на својот мал напредок, но ги знае и границите: „Она што го направив беше само почеток за Ромите да се тргнат од дното. Потребни се уште многу години додека ваквата работа донесе плодови.“

Емесе Јони и без пари сепак ќе продолжи да реализира еден проект во Санкраиени - есента 2012 година по десет најдобри ученички од Унгарците и од Ромите од шесто до осмо одделение заминаа на еднонеделно кампување за музика и танцување. Проектот е финансиран од фондација и бил многу успешен. Пролетва тоа треба да следува и за момчињата. „Сакам долгорочно да постигнам меѓу Унгарците и Ромите да се развие пријателство, да не растат во конфликти“, вели Емесе Јони. „Кога оваа нова генерација ќе достигне ниво за заедно да игра и да учи, тогаш веќе нема да има јаз меѓу Ромите и не-Ромите.“