1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Третиот пат на Франсоа Оланд

По година и пол на функцијата, францускиот претседател Франсоа Оланд веќе го менува курсот во економската политика. Но, во овие клучни моменти во земјата поголем е интересот за неговиот љубовен живот.

„Јас сум социјалдемократ!“, порача Франсоа Оланд пред 600 новинари во Елисејската палата. Опкружен со тешки завеси и француското национално знаме, тој се обрати на традиционалната новогодишна прес-конференција, секогаш голем настан во Франција.

Тоа е и шанса за претседателот да го утврди курсот. Оланд сака да зборува за политика и за економско опоравување. „Доколку Франција сака да го задржи влијанието во светот, доколку сака да учествува во донесувањето одлуки во Европа, и доколку сака да ја држи сопствената судбина во свои раце, тогаш итно и треба да пронајде нова економска сила“.

Радикална промена на курсот

40-минутниот претседателски монолог секогаш ја има истата цел- да им даде на Французите нова надеж во моќта на нивната држава. Но патот дотаму бара радикална промена на курсот- помалку социјални издатоци, повеќе пазар, повеќе индивидуална одговорност.

Francois Hollande Zeitung Affäre

Таблоидите се полни со детали од љубовниот живот на Оланд

Оланд говореше за мерки кои ќе и дадат импулс на економијата, за кратења во државниот буџет, и намалување на трошоците на работната сила за фирмите во вредност од 35 милијарди евра. Тоа ќе отвори нови работни места, ветува тој.

Неговата позиција е јасна, но во истовреме Оланд не сака да го загуби својот социјалдемократски статус. „Јас без избран со поддршка на социјалистите и левицата. Секогаш останав доследен на своите убедувања. Овој пакт на одговорноста е само еден социјален компромис. Не станав преку ноќ поддржувач на економскиот либерализам“.

Втората поента во говорот на Оланд: Европа и германско-францускиот мотор. „Иницијативите во Европа мора да дојдат од Германија и Франција. Мора да соработуваме економски и социјално. Германската влада одлучи да воведе минимална дневница. Тоа е прв чекор. Ние од наша страна мораме да ја избалансираме нашата даночна политика“.

А љубовницата?

Кога завршија најавите за новите политичко-економски приоритети, следуваше студениот туш кој сите го очекуваа. Откако прес-конференцијата беше отворена за новинарски прашања, следуваше првото: дали Валери Трирвајлер, неговата пријателка, ќе го придружува претседателот при неговата посета на Вашингтон на почетокот на февруари? Ова е темата која ја преокупира Франција последниве денови.

Francois Hollande und Valerie Trierweiler

Франсоа Оланд и Валери Трирвајлер

Партнерката на Оланд веќе неколку дена е во болница поради презамореност, откако еден таблоид откри дека претседателот на државата е во тајна врска со позната актерка. Оланд одби да одговори на ова, како и на сите други прашања поврзани со неговиот приватен живот во следните два часа. „Мојот принцип гласи: приватните работи се решаваат приватно“.

Вечерта, коментаторите во медиумите ќе го споредуваат Оланд со поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, и ќе ги потсетуваат граѓаните дека Оланд ја доби власта со ветување дека ќе ги оданочува богатите со стапка од 75 проценти, и ќе формира некаков вид сојузништво на јужните држави кои ќе се спротивстават на мерките за штедење на германската канцеларка Ангела Меркел.

Синдикатите веднаш го обвинија претседателот дека ја прогласил за банкотирана сопствената филозофија. „Тоа беше неговото либерално-пазарно претставување“, оцени Жан-Клод Маили, шеф на еден од најголемите француски синдикати. „Трудовата политика повеќе не е негов проблем, туку проблем на работодавците. Значи ќе им дадеме 35 милијарди евра и ќе чекаме да видиме што ќе се случи. Ова е опасен пресврт во економски либерализам. Тоа е опасно. Тој е претседател на Франција, не само на бизнис шефовите“, критикува Маили.