1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Треската по божиќни подароци - последен спас за трговијата

2008 беше лоша година за германските трговци. Банкротираа големи стоковни куќи. Меѓутоа, и покрај финансиската криза и рецесијата, трговците се надеваат на добивка од овогодинешната празнична сезона.

default

Одбројувањето започна - едни бројат денови, други бројат пари

На прашањето дали и колку трошите пред Божиќ и Нова Година, Германците најчесто одговараат дека се’ е прескапо, дека најчесто не фрлаат пари за новогодишни подароци или дека на располагање имаат скромен буџет. Но, има и такви коишто велат дека не треба да се штеди на купување подароци, бидејќи ако престанат со купување тогаш финансиската криза уште повеќе ќе се продлабочи. Трговците со задоволство слушаат вакви изјави. За нив празничната треска на купување подароци е од огромно значење. Во овие недели трговската бранша остварува скоро една петина од целосниот годишен профит.

Куповната моќ на граѓаните е зголемена

Јозеф Санктјоханзер, претседател на сојузот на трговци, се надева на добар бизнис и оваа година. Според него до сега само мал број луѓе вистински загубиле пари, како резултат на финансиската криза. „Платите се зголемени во однос на минатата година, како и бројот на вработени. Како последица на намалената инфлација поголема е и куповната моќ на граѓаните.

Frau balanciert Geschenke heim.

Една петина од профитот трговците го остваруваат токму во празничната сезона

Не треба да заборавиме и дека многумина вработени ќе добијат тринаесетта плата во пресрет на празниците - ова се добри предуслови за успешен празнична сезона“, вели Санктхојанзер.

А попусти никогаш доволно...

До католичкиот Божиќ преостануваат уште 4 недели. Но, вработените уште сега се радуваат на подарокот. Имено, со ноемврискиот приход ја добиваат и т.н. 13-та плата. Во некои бранши таа е поголема од порано, благодарение на значително зголемените плати во изминатава година.

Потоа, деновиве поефтинува и нафтата со што паѓаат и цените на бензинот. Се намалуваат и цените на прехранбените производи, па може да се каже дека на граѓаните им остануваат повеќе пари во џебот. Исто така и трговците ќе обезбедат новогодишни попусти, со цел да ги привлечат муштериите. Ова посебно се однесува на предметите што најмногу се пoдаруваат за Божиќ и Нова Година, како на пример часовници, накит, играчки и предмети за домаќинството, објаснува Санктјоханзер. Тој нагласува дека се повеќе подароци се купуваат преку интернет. „Се работи за тренд што постојано расте. Посебно омилени се книги, дискови и електронски производи, но и облека и разни влезници.“

BdT Deutschland Weihnachtseinkäufe

Секогаш може да се најде нешто поевтино

Но, не значи дека работите ќе останат така, смета главниот економист на Дојче Банк, Норберт Валтер. „Стравувам дека кога Германците ќе ги видат ниските цени, ќе очекуваат тие уште повеќе да се намалат. Ќе си речат, ќе почекам уште малку, па ќе има уште поголем попуст.“

Нашминкани во пресрет на рецесијата

Меѓутоа, искуството покажува дека не сите се жалат на намален профит. Фирмите со добро име и квалитет не пропаѓаат така лесно. На пример, модната куќа Гери Вебер. Нивната цел се лица постари од 35 години, а имаат продавници низ цела земја и во странство. Оваа модна куќа крши рекорди, од година во година. Само во првите девет месеци од 2008 оствари покачување на профитот за 13%, на вкупно 388 милиони евра.

Модната куќа не е единствената што нема главоболки пред пред празничната треска. И касите на парфимериите се полни. Има огромна побарувачка за шминки, лосиони и кармини. Браншата вака го објаснува овој феномен: кога на луѓето не им е баш најдобро - се шминкаат. Ако ништо друго, барем изгледаат добро.“