1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трескавични напори за молк на оружјето во Газа

И покрај меѓународните напори за надминување на кризата, милитантните Палестинци и натаму испалуваат ракети врз израелските градови. Израелски воени авиони пак бомбардираат цели во Појасот Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа одржа средба со најблиските министри за да се советуваат за натамошниот тек на операцијата „Столб на одбраната“ во Појасот Газа и за евентуалното положување на оружјето. Според информации на израелскиот весник „Хааретц“ премиерот Нетанјаху, министерот за одбрана Ехуд Барак и министерот за надворешни работи Авигдор Либерман разговарале за египетските предлози за прекин на огнот. На крајот била донесена одлука да им се даде повеќе време на меѓународните напори за постигнување на мир.

Меѓутоа, со оглед на тоа што борците на радикално-исламистичкиот Хамас и други милитантни групации и натаму стрелаат со ракети од Појасот Газа во правец на Израел, се’ уште во игра е опцијата за копнена офанзива. Израел на границата стационираше тенкови и артилерија.

Сепак, израелската влада, според официјални наводи, претпочита дипломатско решение. Доколку решение на преговарачка маса му гарантира мир на израелскиот народ, копнена офанзива нема да биде потребна, изјави близок соработник на премиерот Нетанјаху за агенцијата Ројтерс.

Бан во Каиро

Посредници од различни земји, меѓу нив и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и други политичари се обидуваат да издејствуваат деескалација во кризиниот регион. Вчера во египетскиот главен град пристигна и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, кој денеска треба да се сретне со пртседателот Мурси, по што ќе отпатува во Израел. Тој ги повика Израелците и Хамас да соработуваат со Египет како посредник.

Во Ерусалим германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле веќе се сретна со неговиот израелски колега Либерман. Вестервеле притоа го истакна правото на Израел за самоодбрана. Но, мора да се спречи да гинат натамошни цивили. „Најголем приоритет има тоа да работиме на деескалација и мир“, изјави Вестервеле. „Мора да разговараме за тоа како да се постигне примирје. Тоа е клучот за се’ друго“.

Денеска германскиот министер треба да се сретне со претседателот Шимон Перес и премиерот Нетанјаху, по што е предвидена и средба со претседателот на Палестинците Махмуд Абас во Рамала на Западниот Брег.

Советот за безбедност на ОН поделен

Во Њујорк пак Советот за безбедност на ОН повторно одржа кратки советувања за состојбата на Блискиот Исток. САД, според зборовите на американската амбасадорка во ОН, Сузан Рајс, одбиле текст кој ги „поткопувал“ напорите за молк на оружјето меѓу Израел и радикално исламистичката палестинска организација Хамас.

Предлогот, кој минатиот четврток го доставија арапските држави, бара да се стави крај на израелската офанзива во Појасот Газа, без да наведе дека од територија на Палестинците се стрелаат ракети во правец на Израел. Покрај САД, Велика Британија, Франција и Германија исто така изразија задршки кон овој текст.

Израелските борбени авиони во текот на ноќта ги продолжија нападите врз Појасот Газа. Спорд информации на палестинската новинска агенција Маан, била оштетена зграда на банка во градот Газа, владин објект и куќата на еден водач на милициите. Напади имало и во Кан Јунис на југот на Појасот Газа. Милитантните Палестинци во текот на вчерашниот ден истрелаа најмалку 135 ракети во правец на Израел. САД преместија три воени бродови во источниот дел на Средоземното Море, за евентуална евакуација на американските граѓани од кризниот регион.

Од почетокот на крвавите напади минатата среда, според информации од градот Газа, убиени се најмалку 111 Палестинци, а стотици се повредени. Во Израел загинаа три лица, а повеќемина се повредени.