1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Трезорите на Кремљ во Бон

Минатава недела во Бон беше отворена велелепна изложба со експонати од трезорите на Кремљ под наслов "Боженска слава и царски раскош". Нејзината реализација се одвива во рамките на "германско-руските културни средби", кои добија благослов од владите во Берлин и Москва. Сходно на тоа честа да биде домаќин на изложбата му припадна на реномираниот музејски простор "Кунст унд аусштелунгсхале" во Бон.

Кремљ веќе со векови е вистински центар на моќ. Само мал број лица знаат какви се' историски богатства навистина се кријат зад дебелите sидини. Тешките порти на музеите и коморите на Кремљ во принцип секогаш останаа затворени за обичните смртници. До строго контролираниот број влезници можеа да дојдат главно странски гости и други "избраници".

Вака sвонат на далеку познатите камбани од големата саат кула на највиското и најубавото од 15-те кубиња на Кремљ, патем речено сите дело на славниот италијански архитект Аристотел Фиорованти од 15. век. Оваа биење е дури симбол на државничката моќ, што се шири од 28-те хектари на комплексот зданија во центарот на Москва.

Првата тврдина на ридот Боровицкиј на брегот на Москва ја подигнал основоположникот на градот, кнезот Јуриј. Од тогаш на ваму Кремљ, што во превод не значи ништо друго освен тврдина, служи како резиденција на московските кнезови, кои во средниот век успеаја да ја прошират својата власт врз цела Русија, за подоцна да прераснат во кралеви и дури цареви. Кремљ меѓутоа од секогаше беше истовремено и резиденција на руските патријарси, со тоа станувајќи центар не само на световната, туку и на духовната моќ во земјата.

Ако се знае сето ова не е тешко човек да си замисли дека во текот на деветте века зад неговите дебели sидини се насобрале поголем број предмети од вредност. Директорката на музеите на Кремљ, Јелена Јуријевна Гагарина, инаку ќерка на славниот руски космонаут, е многу горда што вака сеопфатна збирка може да се претстави во Германија:

"Се обидовме во изложбата да покажеме дека Кремљ нема само прекрасна историја, туку дека тој беше исто така и центар на дипломатијата и на размената со другите царски дворови од Европа и Азија, за што сведочат на пример даровите на дипломатските пратеници. Освен тоа Кремљ беше и многу силен занаетчиски центар, во кој се произведуваа накит, оружје, текстил, како и други вредни ракотворби. Царевите и патријарсите од секогаш им посветуваа големо внимание на занаетчиите."

Меѓу вкупно 300-те објекти од изложбата во Бон се наоѓаат книги, икони, слики, делови од облека и мебел, накит и прибор за јадење. Тоа е такаречи сеќавањето на руската нација од илустрираната хроника на Царот Иван Грозни, до накитената мирта на рускиот патријарх Јов. Тука се секако и парадните портрети на царевите, па се' до наметката од крунисувањето на последниот руски монарх. Тоа што воопшто толкав број предмети можеа да ја напуштат земјата, претставува своевиден преседан. А за кустосот на изложбата од германска страна, Агнеса Лулинска особено важно беше тоа што:

"Она што посебно го ценам во оваа соработка е што руските колеги секако имаа своја претстава за уредувањето на изложбата, но исто така ни дозволија и ние да ги изразиме своите желби и замисли. За мене се, на пример, особено драгоцени прекрасните парчиња сребрен накит од 12. век со надвремена убавина."