1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Треба ли возрасните жени да раѓаат деца?

Случајот со италијанската пејачка Кармен Русо, која се одлучи да роди дете на 53 години, повторно ја поттикна расправата околу темата, до кога жените би требале да раѓаат. Русо моли да ја сфатат.

Кармен Русо е познато лице за Италијанците. Има настапувано на голем број ТВ шоуа уште од 80-тите, кога го запознала и нејзиниот сегашен сопруг, Енцо Паоло Турчи, со кој тогаш основаат танцов дует.

Двајцата самите себе се нарекуваат „вечни деца“, и имаат направено се‘ со цел да ја победат својата старост. Постојат многу шпекулации за бројот на пластичните операции на кои Русо се има подложено за да изгледа толку младо.

Имам 53 години, ама што има лошо во тоа?“

„Јас и мојот сопруг ќе станеме родители во март, моментно сум во четвртиот месец на бременоста“, обелодени Кармен Русо за берлускониевиот магазин „Чи“. „Знам дека имам 53 години, но што има лошо во тоа?“, изјави и воедно ја повика јавноста да не ја осудува, ветувајќи дека за своето дете „ќе се одржува младо и здраво колку што е можно подолго“.

Italien Rom Gianna Nannini

Џана Нанини

„Отсекогаш сакав да бидам мајка, но едноставно нашето дете не сакаше да дојде по природен пат“, признава танчерката. Вештачкото оплодување неа и‘ помогна конечно да си го оствари сонот за мајчинството. „Тоа е Божји дар“, вели Русо, која исто како и сопругот е многу религиозна. Користејќи вештачко оплодување во доцните години, парот се приклучи кон останатите познати личности кои го направија тоа.

И нивната сонародничка, рок- пејачката Џана Нанини, роди ќерка со 54 години. Жени и од другите земји во изминатите години стигнаа до насловните страни, затоа што родија деца со преку 50 години, или дури 60 години. Притоа се‘ е релативно- во споредба со нив мајка која ќе роди дете на 40 години, е „млада мајка“.

Иако секогаш  постојат луѓе кои ги осудуваат постарите мајки, во Италија коментарите за „случајот Русо“ генерално се позитивни.

Страв од зголемениот ризик

Кралскиот колеџ за гинекологија (RCOG) од Велика Британија, сепак ги советува жените дека во животот најдобар, насигурен и најздрав период за раѓање деца е од 20 до 35 години. Потоа, како што предупредуваат британските стручњаци, ризикот за компликации се‘ повеќе се зголемува не само во однос на спонтаните абортуси и зголемената неплодност, туку и компликации, деформации и смртност- и кај мајките и кај децата. Тие препорачуваат дека законите на природата треба да се почитуваат.

На прашањето колку е за мајката опасно да поминува низ бременоста откако нејзиниот репродуктивен систем е веќе згаснат, д-р. Дањи Раџасингам, портпарол на Кралскиот колеџ за гинекологија, вели дека: „жените постари од 35 години имаат зголемен ризик за компликации во раната бременост, но и во поодминатите стадиуми на истата. Кај повозрасните жени е зголемена опасноста од абортус, ектопичка бременост или раѓање на мртвороденчиња. Понатамошни компликации кои се поврзуваат со повозрасните мајки се и дијабетисот, предвременото одвојување на постелката, зголемен крвен притисок и царски рез“.

Добрите страни на доцното мајчинство

Факт е дека живееме подолго, јадеме поздраво и работиме подолго, па зашто не би можеле да раѓаме деца подоцна? Американските стручњаци утврдиле дека бројот на жени кои раѓаат по 45-тата година, во периодот од 1980. до 2004. година, двојно е зголемен, па тие издаваат магазин специјализиран токму за оваа целна публика.

Carmen Russo Enzo Paolo Turchi Hochzeit Flavio Briatore

„Вечни деца“ - Лармен Русо и сопругот

Некои критичари ќе им префрлат на жените дека денес тие сакаат да имаат се‘ - кариера, забава, живот, а потоа и деца, кога тие ќе посакаат, и дека со модерната технологија денес успеваме да ги победиме биолошките закони, но дека тоа е себично и нефер кон детето. Тие аргументираат дека со поместувањето на возрасните граници на мајчинството, детето ќе страда заради старите родители, додека пак тие заради староста нема да можат да му помогнат кога тоа ќе му биде потребно.

Но има и аргументи кои се во прилог на „старите родители“. Истражувањето на Националниот институт за детско здравје и човечки развој (NICHD) во САД, покажува дека вообичаено повозрасните родители се во подобра финансиска ситуација, дека имаат повеќе трпение и време за децата и дека помалку се држат до традиционалните методи за растење на дете. Таму се наведува дека тие, свесни дека се постари, „планираат однапред и обрнуваат повеќе внимание на исхраната и вежбањето, за да си обезбедат најдобра физичка состојба со која би се грижеле за своите деца што е можно подолго“.

Треба да се има на ум уште еден аспект: дека повозрасните татковци не се критикуваат толку многу како мајките, иако голем број од аргументите кои се против доцното мајчинство, може да се употребат - и против доцното татковство.