1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Треба ли богатите повеќе да плаќаат?

Во 1997 година во Германија беше укинат данокот на имот. Во моментов се водат жестоки дискусии околу тоа дали тој да биде повторно воведен. Темата е актуелна и во други европски земји.

Во времиња на финансиска и економска криза и со оглед на празните буџетски каси, државата е во потрага по нови извори на пари. Во моментов наголемо се зборува за данокот на имот, многу пати нарекуван и „данок за богатите“. Што би донесло негово повторно воведување?

Релативно малку, одговара Мартин Ленц, даночен советник и раководител на одделот за данок при Здружението за проверка на финансиското работење во Германија - КПМГ: „Прашање е дали воопшто по одбивањето на сите административни трошоци останува некаков плус кој е вреден да се спомене.“ Зашто, кога се зборува за трошоци не се мисли само на трошоци на даночните обврзници, туку и трошоци што ги има финансиската управа, вели Ленц за ДВ.

Дискусија околу данокот на имот не се води само во Германија. Причина за КПМГ да направи споредба на германското даночно право со оданочувањето на имот во Франција, Италија, Велика Британија, Австрија, Холандија, Швајцарија и САД. Во студијата на КПМГ не се истражува само општиот данок на имот, туку и други давачки поврзани со имотот, како данок на земјиште, данок на наследство или данокот што се плаќа во случај да се добие имот на подарок. Сето тоа е дел од оданочувањето на имотот, вели Ленц, но тоа во актуелната дискусија често се заборава.

tüten voller geld

Колку добивка навистина ќе донесе данокот на имот?

Франција има највисок данок на имот

Колкава е ползата, односно приходите од данокот на имот зависи од даночните системи на земјите. Во Германија, според Ленц, приходот од данокот на земјиште, данокот на наследство и данок на подарок изнесува околу 16,5 милијарди евра годишно. „Тоа се околу 2,8 проценти од вкупните даночни приходи.“ Во споредба со земјите кои се истражувани, Германија се наоѓа на средината.

Апсолутен предводник во оваа сфера е Франција. Таму данок на приватен имот има уште од 1982 година: „Приходите од ваквото оданочување во Франција изнесуваат околу 8,6 проценти од вкупните даночните приходи. Сепак, продуктивниот имот на фирмите е прилично поштеден од оданочување“, нагласува Мартин Ленц.

Symbolbild Steuerhinterziehung

Данокот на имот во Германија е укинат од 1997 година

Европските земји се воздржани

Од студијата на КПМГ се гледа дека во Велика Британија нема општ данок на имот. Предмет на политичка дискусија е дали да се воведе таканаречен данок на вили, одосно данок за скапи приватни куќи. И во Италија нема општ данок на имот. Се вели - многу работа, за малку пари. Во Холандија ваков данок нема од 2001 година, а укинат е под притисок на јавноста. Поради проблеми со проценката на висината на оданочувањето Австрија исто така го укина ваквиот данок во 1993 година. Покрај Франција, ваков данок има уште во Швајцарија.

Во САД нема општ данок на имот, туку данок на земјиште, вели Ленц. Од ваквиот данок доаѓаат 12 проценти од вкупните приходи од даноци. „Во САД, на пример, од приходите од данокот на земјиште се финансираат вкупните комунални трошоци, како трошоците за полицијата, противпожарните служби, училиштата и чистењето на улиците.“

Во сите земји, како што произлегува од студијата на КПМГ, административните трошоци за собирање данок на имот се процентуално многу повисоки отколку при собирањето на другите видови даноци. Во САД, на пример, се проценува дека управните трошоци и обем на работа за собирање данок на наследство и данок на подарок се отприлика толку високи колку парите што се собираат од ваквиот вид даноци.