1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Треба да се крене рачна кочница!

Малку добра кошарка, многу инциденти на трибините. Коректно однесување меѓу актерите, играчите и тренерите, застрашувачка, со ништо неиспровоцирана агресивност на одделни навивачки групи.

default

Даниел Димевски

Демолирани сали, поднесени прекршочни и кривични пријави. Ова е лајтмотивот на првите 10 кола од кошаркарското првенство на Македонија. Оваа состојба, крајно алармантна, за Дојче веле ја коментира претседателот на македонската кошаркарска федерација, Даниел Димевски.

„Имавме неколку немили инцидентни ситуации. Една прекрасна увертира со многу амбициозни клубови. Ова практично требаше да биде најинтересното првенство досега, но покажа и слабости.“

Неочекувано големата посетеност на мечевите не‘ изненади сите, вели Димевски. И клубовите и кошаркарската федерација како да беа неподготвени за ваков наплив на трибините.

„Никогаш сме немале повеќе публика. Во

Basketball Korb und Spieler Silhouette Aufnahme von unten

Треба да се оладиме, вели Димевски

последните четири-пет кола имаме по 12 илјади публика по коло, поделени во пет натпревари. Бројки коишто треба да не‘ радуваат, но и бројки коишто извадија на површина дека ние не сме кадарни сето тоа да го изменаџираме. Зборувам во име на сите клубови. Треба да кренеме рачна кочница и полека, дел по дел, да влеземе во една нормална организација која ќе спречи вакви немили настани.“

Првиот конкретен чекор за спуштањето на тензиите беше препораката до Здружението на клубовите, навивачките групи да не ги следат гостувањата на свите клубови. Мерка која е прифатена, но која наидува на различни реакции.

„Сите ќе се согласиме дека публиката е најубавиот декор на еден натпревар, сите ќе се согласиме дека со една ваква мерка сите по малку губиме. Меѓутоа, кога одлучувавме дали во овој момент е продуктивно или контрапродуктивно присуството на гостинска публика, во една ваква крајно наелектризирана ситуација, каде за малку можеше да се случи да загубиме некој човечки живот, мислам дека е многу попрагматично малку да се оладиме.“

Македонија ќе се кандидира за организација на две европски првенства

Светлата страна на македонскиот кошаркарски медал е репрезентативната селекција, која обезбеди пат на Европското првенство во 2011 година. Димевски ветува услови за максимална подготвеност.

Basketballspiel Mazedonien gegen Bosnien

Македонската репрезентација обезбеди пат на ЕП

„При крај е организациониот план за следната година. Ќе има многу силни подготовки во Италија и во Словенија, а исто така ќе имаме и пријателски натпревари против најсилни репрезентации, како Словенија, Италија. Чекаме потврда уште од неколку велесили, како Србија и Хрватска, значи ќе имаме еден подготвителен период којшто ќе биде како што се вели ’со сите нишани’ и тука нема да има никаква импровизација.“

Даниел Димевски, како прв човек на македонската кошарка, а истовремено и со високи должности во ФИБА за Европа како претседател на Натпреварувачката комисија, што е највисокото оперативно тело и претседател на маркетинг групата на ФИБА, открива дека Македонија, овој месец, и ќе се кандидира за организација на две европски првенства во различни категории во 2011 година, со добри шанси да ги добие.

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска