1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба да се засрамите!

Барбара Везел / превод: ЕМФ28 јуни 2015

Шефовите на влади на ЕУ не можеа да постигнат согласност за прием на бегалци. Зад судирот се крие страв од десните популисти, а тоа е бедно и срамно, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1FoLW
Фотографија: Reuters/P. Wojazer

Беше како ценкање на пазар за теписи - во ЕУ треба да бидат распределени 60.000 воени бегалци, а тоа беше повод за отровна семејна кавга каква што долго не е видена на самитите. Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, претходно предложи обврзувачка квота за распределба. Предлогот брзо беше тргнат од маса за разговор, а кавгата се разви околу доброволниот прием на бегалци. Јункер одвреме-навреме „излегуваше од кожа“ и велеше дека воопшто не го интересираат извесните задршки на шефовите на влади.

И италијанскиот премиер Ренци видно изнервиран ги нападна источните Европејци: „Ако е тоа вашата идеја за Европа, тогаш можете да си ја задржите.“ Утрото потоа својата лутина ја изрази и белгискиот премиер Шарл Мишел: „Ова беше недостоинствен спектакл“, рече тој. Целата седница била губење време и во иднина ќе има големи проблеми, смета Мишел.

Најголемиот проблем на ЕУ

Тоа се поклопува со проценките на германската канцеларка по средбата. Таа бегалската криза ја нарече најголем проблем на Европа откако таа стапила на функцијата. Притоа, Ангела Меркел има доживеано многу работи во Брисел, меѓу другото и евро-кризата. Но, се чини дека е на мислење оти судирот околу приемот на бегалци би можел да предизвика раздор во унијата. Зашто, кај ретко која друга тема се отвора толкав јаз меѓу земјите членки. Наеднаш, се чини дека сопствените интереси на секоја земја имаа предност пред хуманитарната неопходност да бидат заштитени стотици илјади луѓе, кои бегаат од смрт, војна и владеење на теророт.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара Везел, автор на коментаротФотографија: DW/G. Matthes

Британскиот премиер Дејвид Камерон предничи секогаш со извлекувањето на опцијата за излез од ЕУ на неговата земја, без притоа воопшто да ги стави „на кантар“ хуманитарните аспекти. Како страдањето на бегалците, од Сирија и Ирак на пример, него воопшто да не го засегаат. А токму Велика Британија со својата брза акција за отстранување на либискиот диктатор Гадафи придонесе за распад на земјата, со што им се отвори патот на шверцерските банди. Камерон сака реформи во ЕУ - тогаш треба да почне од својата земја!

Прашање на совест

Германија тука секогаш дава добар пример и има намера да прими 8000 бегалци од ЕУ-контингентот. Тоа е отприлика онолку колку што предвидуваше квотата на Европската Комисија. Сега Берлин чека на она што ќе го понудат соседите. Најголем отпор пружаат источноевропските земји и објаснуваат дека не можат да примат толку бегалци поради економски причини. Но и Полска веќе не е толку сиромашна за неколку илјади бегалци што би ги примила да ја свиткаат на колена.

ЕУ има речиси половина милијарда жители. Како може да не биде остварливо да им се спаси животот на неколку стотици илјади Сиријци, Еритрејци или Јужносуданци? На интернет се документирани стотици вакви страдалнички приказни. Секој би требало да ги види и потоа со добра совест да објаснува дека сака секого од овие луѓе да го проколне на пропаст.

Она што се крие зад сето тоа е баналниот, беден, политички страв. Имено, стравот од подемот на десните популисти во Европа, кои како Лега Норд во Италија, Националниот фронт во Франција или данската Народна партија освојуваат гласови со своето непријателство кон странци. Но, шефовите на влади не би смееле и натаму да се кријат од тоа, тие мора отворено и храбро да и‘ се спротивстават на омразата и предрасудите. Тие би требало да ги предизвикаат десничарите наместо да ги ескивираат. Зашто, во спротивно, ЕУ може да си ги спакува куферите. Европските вредности не се на продажба, рече претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, на овој самит. Тој и неговите колеги мора да постапуваат согласно тоа. За овој спектакл на самитот, меѓутоа, треба да се засрамат!