1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Трговската војна може да биде кобна за македонското вино

Македонските винарии предупредуваат дека ќе претрпат огромни штети доколку Србија ја спушти увозната рампа за Македонија. Србија е најголем извозен пазар за македонските флаширани вина.

Македонските извозници се загрижени по најавите за можна трговска војна со Србија. Заканите на Белград дека ќе ја спушти рампата за одредени македонски производи, доколку властите во Скопје не ја повлечат мерката за условен увоз на пченица и брашно, го вклучија алармот. Можно е проблематизирање во делот на увозот на македонско вино и домати, двата традиционално најпродавани производа на српскиот пазар, но и на други стоки.

Проблеми при размената засега нема, но доколку Србија сепак ја реализира заканата тогаш и Македонија е многу веројатно дека ќе возврати, предупреди македонскиот министер за економија, Ваљон Сарачини. Тој го повтори ставот дека мерката за условен увоз на пченица не го прекршува централноевропскиот договор за слободна трговија ЦЕФТА:

„Доколку Србија реши да воведе контра мерки, тогаш ние ќе ја разгледаме можноста да ставиме реципрочни мерки за продуктите кои Србија ги извезува во Македонија и тогаш би можел да кажам дека ќе влеземе во една класична трговска војна, што не е добро за двете земји“, предупреди Сарачини.

Винарите стравуваат

Бизнисот стравува од евентуален несакан развој, посебно винариите кои, ако се суди според најавите, би биле први на удар доколку Белград ја употреби непопуларната мерка. Северниот сосед традиционално важи за најголем пазар на македонските флаширани вина и доколку дојде до ембарго штетите ќе бидат големи, коментира за Дојче веле Марија Митева, директор на винаријата „Сковин“:

„Посакуваме двете влади што поскоро да го надминат овој проблем со што нема да се реализира заканата на српската влада за воведување на ембарго на македонските вина на пазарот во Србија. Доколку тоа не се случи, ваквата мерка негативно ќе се одрази на македонската винска индустрија, но и генерално на домашната економија. Српскиот пазар е еден од најзначајните и најважните пазари на винаријата Сковин, но и воопшто на целата македонска винска индустрија. Ова особено се однесува на флашираното брендирано вино за кое пазарот на Србија е клучна извозна дестинација, која не можеме лесно да ја замениме на краток ниту пак на среден рок. Тука би ги споменале и традиционалнaта поврзаност и доверба на граѓаните на Србија кон квалитетот на македонските вина, и нивното нарушување во овој момент ќе рефлектира со долгорочни негативни ефекти кај винската индустрија и воопшто кај надворешната трговија на Република Македонија“, предупредува Митева.

Weinanbau in Mazedonien

Србија е најголем извозен пазар за македонските флаширани вина. Според податоците, годишно на овој пазар се пласираат македонски вина во вредност од околу 16 милиони евра, што претставува значаен удел во извозот на земјата.

„Ако сепак се воведе ембарго од српска страна, односно ограничен увоз, тогаш ќе биде лошо! Србија е за нас еден од најзначајните пазари и прв извозен кога станува збор за флашираното вино. Засега извозот се одвива непречено и нема проблеми. Се надевам дека така и ќе остане и нема да дојде до влошување на состојбите“, коментира за Дојче веле и Ѓорѓи Петрушев, директор на здружението „Вина од Македонија“.

Несогласувања или различни ставови

Официјален Белград е лут што властите во Скопје не се држеле до наводниот договор за укинување на мерката за условен увоз на пченицата и брашното до 15 август. Македонската страна пак тврди дека ЦЕФТА договорот не е прекршен, а мерката за заштита која има за цел времено да го заштити домашното производство ќе остане на сила додека е потребно, најверојатно до средината на септември. Владини извори за Дојче веле велат дека министри од двете земји неколкупати се сретнале и разговарале околу проблемот. Несогласувањата или различните ставови биле токму околу рокот односно неговото времетраење. Српската страна инсистирала тој да биде разумен односно да истече побрзо, а македонската додека не се стабилизира домашниот пазар. Инаку со мерката што е на сила од први јули, за еден килограм увезена пченица македонските увозници мора да купат три килограми домашна, односно четири килограми домашна пченица за еден килограм увезено српско брашно.