1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трговијата со деца драматично расте

Трговијата со луѓе е многу вносен бизнис. Особено децата и младите во целиот свет се’ почесто стануваат жртви. Според информациите на УНИЦЕФ, во меѓувреме повеќе од една четвртина од откриените жртви се малолетни.

Модерната трговија со деца и млади, според проценките на организациите за детски права, бележи пораст насекаде во светот. Организацијата за децата на ОН, УНИЦЕФ, и германската криминалистичка служба во Берлин соопштија нови податоци. Според информациите на УНИЦЕФ, денес околу 27 проценти од откриените жртви на трговија со луѓе се деца и млади. Две третини од нив се девојчиња, соопшти Ане Литкес, (на фотографијата на прилогот заедно со Јерг Цирке) член на управниот одбор на УНИЦЕФ Германија. Извештајот е изработен врз основа на информации од 132 земји. Во периодот од 2003 до 2006 година уделот на малолетни лица изнесуваше 20 проценти.

Колку луѓе, меѓу нив и возрасни, во светот се жртви на трговија со луѓе, речиси и да не може да се прецизира поради високата темна бројка. Меѓутоа, станува збор за милиони, дополни Литкес. Најчести форми на искористување на овие луѓе се принудна проституција и принудна работа. Европската комисија проценува дека профитот од трговијата со луѓе во светот годишно изнесува повеќе од 25 милијарди евра.

Во Европа пред се’ децата и младите од земјите на Југоисточна Европа како Романија и Бугарија се жртви на трговија со деца. Со лажни ветувања тие се мамат во Западна Европа, кадешто ги принудуваат на проституција, брутално ги искористуваат и се исложени на насилство, вели Литкес. Ова го потврди и претседателот на Сојузната криминалистичка служба Јерг Цирке. Повеќето од жртвите на трговијата со луѓе откриени во 2011 година преку полициски контроли во Германија, според Цирке, биле помлади од 21 година. Дванаесет проценти биле на возраст меѓу 14 и 17 години, 13 жртви биле дури помлади од 14 години. Цирке исто така смета дека темната бројка е висока. Според наводи на Германската криминалистичка служба, мрежите на злосторниците ги сочинуваат професонални криумчари, макроа, проститутки, перачи на пари и фалсификатори на документи.