1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Трансфер „бомба“ пред големите дуели во ЛШ

Полуфиналните дуели во Лигата на шампионите меѓу Бајерн и Барселона, односно Борусија и Барселона, паднаа во сенка на веста дека Марио Геце од летово се сели во Минхен. Дали „аферата Хенес“ ќе влијае врз Бајерн?

Во пресрет на полуфиналните дуели во Лигата на шампионите, како вистинска бомба во јавноста одекна веста во германските медиуми дека младата ѕвезда на Борусија Дортмунд, Марио Геце од ова лето се сели во големиот ривал Бајерн Минхен. Според пишувањето на весникот „Билд“, управата на Бајерн одлучила да го откупи договорот на Геце со Борусија, во кој има трансфер клаузула во вредност од 37 милиони евра.

„Билд“ тврди дека фудбалерот веќе потпишал и договор со Бајерн кој ќе трае до 2016 година. 20-годишниот играч од средниот ред се смета за еден од најталентираните фудбалери во Европа, и е стандарден член на германската фудбалска репрезентација. Според медиумите, Геце бил главна желба на новиот тренер на Бајерн, Пеп Гвардиола кој ќе го преземе тимот во јуни годинава.

Никој од двата клуба, ниту агентот на фудбалерот досега не се огласи со коментар на веста, која ги засени големите дуели кои вечерва и утре се играат во Лигата на шампионите.

Првиот дуел е на програмата вечерва во Минхен, каде новиот германски првак Бајерн ја пречекува шпанската Барселона. Освен трансферот на Геце, во центарот на вниманието на јавноста ќе биде и претседателот на Бајерн Ули Хенес, за кој деновиве беше откриена голема афера поврзана со затајување данок.

Lionel Messi

Настапот на Меси во Минхен е неизвесен

Најголема неизвесност до пред почетокот на мечот е настапот на ѕвездата на Барселона, Лионел Меси. Аргентинецот влече повреда на мускулот и од шпанскиот тим велат оти не се сигурни дали ќе биде способен да настапи.

На другата страна, тренерот на Бајерн Јуп Хајнкес ќе треба да се одлучи за алтернатива за хрватскиот напаѓач Марио Манџукиќ кој поради два жолти картони ќе мора да паузира. Хајнкес ќе бира меѓу германскиот репрезентативец Марио Гомез и чилеанскиот ветеран Клаудио Пизаро во врвот на нападот. Освен Манџукиќ, Хајнкес го има на располагање целиот тим.

Бајерн сезонава е во одлична форма, и досега забележа само два порази- по еден во домашното првенство и во Лигата на шампионите. Во Минхен, досега славеа само Бајер Леверкузен и Арсенал од Лондон. Во четвртфиналната рунда, Бајерн убедливо го елиминираше италијанскиот првак Јувентус, додека Барселона мина натаму по двата нерешени исходи со францускиот ПСЖ.

В среда во Дортмунд, уште едно големо дерби. Борусија го пречекува Реал Мадрид, во дуел кој ќе биде реприза на мечевите по групи. Есеноска Борусија беше поуспешна од шпанскиот гигант, откако победи во Дортмунд со 2:1, а во Мадрид мечот заврши 2:2.