1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Транспарентност Македонија: Корупцијата е сериозен проблем

Институциите кои се најповикани за борба против корупцијата не покажуваат задоволителни резултати, сметаат во Транспарентност Македонија. Најновото рангирање на 69 место на листата на Транспаренси интернешнл е неповолно.

default

Maкедонија се наоѓа на 69 место на листата од 183 земји рангирани според индексот на перцепција на корупцијата што го објавува Транспаренси интернешнл. Годинешната позиција претставува пад од седум места со оглед на тоа што минатата година Македонија беше на 62 позиција. Споредено со земјите од регионот Македонија е зад Хрватска, Турција и Црна Гора, но подобро рангирана од Грција, Романија, Бугарија, Србија  и Босна и Херцеговина. 

„ Позицијата на која се наоѓа Македонија покажува дека земјата е сериозно зафатена со проблемот на корупција“, изјави Слаѓана Тасева од Транспарентност Македонија. 

Korruption im Euroland

Неповолна оценка

Транспарентност Македонија го следи проблемот на корупцијата на повеќе начини и од повеќе аспекти, објаснува Тасева. Се анализираат пријавите од граѓани, се истражува финансирањето на политиката и се следи делувањето на надлежните институции. Оценката е неповолна.

„ Нашиот став е дека институциите кои се најповикани за борба против корупцијата не покажуваат задоволителни резултати. Тие всушност ги намалија активностите поради што е забележана стагнација во нивното работење. Не функционира системот на контрола поради тоа што не се почитува поделбата на власта, туку моќта е сконцентрирана во еден центар“, изјави Тасева.  Според Транспарентност Македонија проблематична сфера во однос на корупцијата се јавните набавки како и непостапувањето на надлежните институции во случаите на очигледно кршење на законите.

Финансирањето на политичките партии- проблематична сфера

Дојче Веле побара став во врска со проблемот со корупцијата во Македонија од претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Воислав Зафировски:

„Немам време денеска да давам изјави имам поважна работа“, изјави Зафировски за Дојче Веле.

Во извештаите на релевантните меѓународни институции како особено проблематична сфера кога станува збор за корупцијата, се посочува финансирањето на политичките партии и изборните кампањи. Според оценките на експертите и досегашните истражувања најкорумпирани сектори се судството, здравството, образованието, јавната администрација,  медиумите, но загрижувачка е состојбата и во приватниот сектор.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM