1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп им објави војна на критичките медиуми

Прес-конференцијата на Доналд Трамп беше јасна објава на војна на критичките медиуми, смета Инес Пол. Избраниот претседател избегна и игнорираше многу клучни прашања за неговата администрација

Колку што е позаплеткана ситуацијата, толку е поважно да се направи чекор назад и да не се загуби она најважното од видикот. Во средата, избраниот претседател Доналд Трамп ја одржа првата прес-конференција од позиција на лидер. Во демократијата, слободата на печатот е света, а задача е на новинарите, како претставници на граѓаните, да бараат одговори од луѓето на власт.
Од една страна, тоа се постигнува преку внимателно и промислено истражување, а од друга преку критички прашања, на пример, на прес-конференции.

Оваа долго очекувана прес-конференција веќе неколку пати беше одложувана. Во суштина, таа требаше да даде одговор на прашањето: како милионерот Трамп ќе гарантира дека неговата претседателска моќ нема да влијае врз неговите бизнис интереси. Прашањето не е воопшто тривијално во случајот на Трамп, затоа што тој може директно да профитира доколку, на пример, политичари и лобисти отседнуваат во неговите хотели.

Дури и во меѓународниот бизнис, многумина се загрижени дека идниот претседател ќе ги меша приватните и државните интереси, дури и да не го прави тоа директно, тогаш можеби ненамерно, затоа што ќе поседува информации за нешта кои можат да имаат влијание врз состојбата на берзите, давајќи му јасна предност пред конкурентите.

Сѐ е лага!

Ines Pohl, Korrespondentin Washington, ab März 2017 Chefredakteurin der Deutschen Welle im Newsroom der DW in Berlin (DW/R. Oberhammer)

Инес Пол

Соработката меѓу врвните политичари и новинарите е по природа комплицирана. Нивните интереси честопати се спротивставени. Тоа не беше поинаку ни со Барак Обама. Ниту еден претседател во поновата историја не соработувал помалку со медиумите од него. Но во последната изборна кампања, односите толку се затруја што ги загрозуваат и основите на државата. Тоа има голема врска со агресивниот стил на Трамп. И фактот дека користеше нови медиуми за да шири непроверени тврдења, на пример, за неговите даночни обврски или за состојбата на американската економија.
Но, уште поопасна е недовербата кон новинарите која ја посеа Трамп. Без оглед колку добро се истражени некои извештаи, тој ги отфрла како лажни. На тој начин, невозможно е критички да се следи работата на владата. Сѐ што не одговара на неговиот поглед на светот се отфрла како лага.
Но тоа не важи само за екипата на Трамп. Опозиционерите често се подготвени да веруваат и да ја шират секоја приказна која е критична кон избраниот претседател. Обвинувањата за искривено известување од страна на либералните медиуми не се секогаш погрешни.

Критичките прашања останаа неодговорени

Во средата, Доналд Трамп јасно му покажа на светот како планира да се однесува кон критичкото новинарство во иднина. Одби да одговара на прашања на Си-Ен-Ен, затоа што телевизијата ги објави непотврдените извештаи дека руски агенти имаат компромитирачки информации за идниот претседател. Остри прашања од репортери кои работат за други медиуми исто така беа пречекани на нож, а не беше одговорено на некои важни прашања - за неисполнетите ветувања, за најавата дека ќе се формира ново здравствено осигурување како замена за Обамакер, или за изградба на ѕид на границата со Мексико.
Во суштина, тоа воопшто и не беше прес-конференција. Но, беше првична најава за тоа како избраниот претседател планира да се однесува кон критичките новинари. „Отпуштен си!“, порача тој на крајот. Требаше да звучи како шега насочена кон неговите синови, доколку не го водат успешно бизнисот. Но, од сите присутни новинари, ниту еден не се смееше.

DW.COM