1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Трактори како авиони

На годинешниот саем Зелена недела, кој неодамна се одржа во Берлин освен производителите на храна, излагаа и водечките производители на земјоделска техника.

Новините во областа на земјоделството ги интересираат и младите луѓе, кои беа во посета на саемот.

Нанапред, наназад, па свртување. Хенинг Шроер се‘ уште не смее сам да вози вистински трактор, но за 15-годишниот ученик е јасно-ќе биде земјоделец. Сака да види што ново се нуди на земјоделскиот саем во Берлин, Зелена недела.

„Смее да се седне овде?“, прашува Хенинг.

„Се разбира“, одговара претставникот на фирмата „Фент“, производител на трактори, првата станица на Хенинг на саемот.

„Добри машини, добар трактор, би сакал веднаш да го возам“.

За жал, не може, Хенинг смее да ги вклучи само фаровите.

Тракторот е преполн со електроника.

ЏиПиЕс, камери, борд-комјутер, како во авионска кабина.

„Возилото се движи автоматски, вози додека не се даде сигнал за корекција, точно до 2 сантиметри. Возачот не мора да го контролира постојано додека вози по полето. Тој може да се концентрира на работата на приклучните машини, да следи дали тие оптимално ја извршуваат работата, додека тракторот сам вози“, објаснува Денис Тебе од фирмата „Фент“.

Ефикасност со помош на најмодерната техника, тоа е мотото на модерното земјоделство.

Компјутерот одамна е незаменлив и при молзењето крави. Фирмата „Делевал“ ги рекламираше своите роботи - молзачи.

Камера ги детектира вимињата, па апаратот автоматски се наместува. Една машина молзи 60 крави на ден. Ако компјутерот констатира запаление на вимето, земјоделецот веднаш добива СМС порака на телефон.

Во што е предноста во однос на обичното молзење, се интересира Хенинг. „Со роботите-молзачи имаме голема предност што не сме поврзани на точно одредено време наутро и навечер. Ти како земјоделец не мора да стануваш рано наутро во шест часот за да молзиш, туку кравите доаѓаат сами. А твојата главна задача е преку денот да се контролира дали се‘ е во ред со кравите“, истакнува Маркус Кек од фирмата „Делавел“.

Значи, Хенинг би морал да оди во шталата само ако постои некој проблем.

Порано на земјоделецот му беа потребни мускули, денес техника и талент за менаџмент.

Хенинг, кој не може да си претстави поубаво место на светот отколку еден кокпит, нема ништо против ваквиот развоен тренд.