1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Трагични избори во Бугарија

Под овој наслов во весникот „Велт“ денеска (13.05) се оценува дека „партиите во Бугарија се корумпирани, а луѓето очајни“. На тема Бугарија пишуваат и други весници, а има и анализа за насилството врз странците во Грција

default

„Избирачите теоретски имаа шанса да ја земат судбината во свои раце, зашто требаше да се избере нов парламент. Но вистински избор тие немаа“, се вели во текстот на „Велт“ на тема - избори во Бугарија и, меѓу другото, се оценува:

„На една страна екс-комунистите, на друга - конзервативците, кои се исто толку политички ’зелени’ што се однесува до нивната ’политичка култура’. Нивниот шеф Бојко Борисов е инкарнација на ’бугарскиот пат’ по пресвртот. Тогаш политичари кои произлегоа од комунистичките редови го ограбија државниот имот преку приватизациите и го вложија во новоосновани претпријатија. Потоа си купија весници и телевизии и така владееја со медиумите. А од редовите на поранешните безбедносни служби, како и од илјадниците спортисти кои се занимаваа со ’тешки спортови’ (како кревање тегови и слично, н.з.) и чие поттикнување во времето на комунизмот беше со цел да се жнеат олимписки медали, а кои по пресвртот останаа без работа, брзо беа регрутирани мафијаши, кои делумно се стопија со новите ’капиталисти’. Тоа е она што во облик на социјалистите и на конзервативната партија ГЕРБ всушност Бугарите ги имаа на избор во неделата“, оценува весникот „Велт“.

Во коментарот на весникот „Зиддојче цајтунг“ на тема Бугарија, под насловот „Непријатно наследство“ се оценува:

„Бугарија во моментов е во состојба која дава повод за загриженост. Шест години по приемот на земјата во ЕУ, нејзините граѓани се пооддалечени од кога и да е досега од исполнувањето на своите надежи за благосостојба и правна сигурност. Особено е големо разочарувањето поради потфрлањето на конзервативниот премиер Бојко Борисов, кој во 2009 година вети напредок. Неговиот биланс, меѓутоа, е тенок... Борисов даде оставка и се правеше како тој да нема ништо со мизеријата во земјата... Тоа што неговата партија ГЕРБ освои најголем број гласови не е знак на доверба во подобра иднина. Многу повеќе, одзивот на изборите од само 44% покажува дека многу Бугари веќе немаат надеж дека ќе се случи реформа на системот.“

Истиот весник денеска ја анализира и состојбата во Грција, од аспект на непријателството кон странците во таа земја. Во текстот во рубриката Поглед однадвор, со наслов „Претепан како куче“, авторот Хју Вилијамсон, раководител на одделот за Европа и централна Азија во Хјуман Рајтс Воч, меѓу другото констатира:

„Насилството врз мигрантите и барателите на азил во Атина и на други места, се заканува да излезе од контрола. Масовни безредија насочени против луѓето од Авганистан и Африка има постојано, поголемиот дел од нив дури не се ни регистрира официјално. Грција мора задолжително да преземе мерки против тоа, заедно со Германија и другите земји на ЕУ. Самите напади се голема повреда на човековите права. Сепак, уште е поголема тежината на фактот дека одговорните вообичаено не се казнуваат. Ниту полицијата ниту останатите државни органи не прават сериозни напори да ги изведат пред лицето на правдата одговорните за нападите. Ваквото неказнување ја уништува илузијата за тоа дека во Европа, наградена со Нобелова награда, владеат толеранција и мир“, оценува Вилијамсон и бара од Германија да преземе конкретни чекори: „Веќе сега Германија и‘ пружа поддршка на Грција во контролирањето на доселувањето. Германските полицајци заедно со грчките колеги гонат трговци со луѓе. Треба да биде можно да се преземаат и заеднички мерки против насилството врз странци. Освен тоа, германската влада треба да ја стави оваа тема на агендата на ЕУ... Би било скандал ако насилството мотивирано од непријателството кон странците стане нешто што нормално на улиците на Атина. Грција мора да стори повеќе за такво нешто да не се случи, а Германија треба во тоа да и‘ помогне“, пишува Хју Вилијамсон во весникот „Зиддојче цајтунг“.