1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трагедијата во Дуизбург значи крај за „Љубовната парада“

Германија во шок по трагичните случувања во Дуизбург. Организаторот на „Љубовната парада“ денеска (25.07.2010), најави дека оваа традиционална техно- забава повеќе нема да се одржува.

default

Спасувачките екипи со полни раце работа

По инцидентот со трагични последици , односно 19 загинати и преку 300 повредени пред се’ млади луѓе, денеска организаторот на манифестацијата за техно- музика , Рајнер Шалер на пресконференцијата во Дуизбург најави дека во иднина „Љубовната парада“ повеќе нема да се одржува.

„Нема зборови со кои може да се опише мојата потресеност. Мене сега единствено ми е важно целосно да се истражат околностите под кои се случи несреќата“, изјави Шалер.

04.04.2008 Made in Germany Portrait Rainer Schaller

Рајнер Шалер- организатор на „Лав Парејд“

А како дојде до неа?

На поранешната товарна железничка станица во Дуизбург се слушаа звуците на техно музика до доцна вечерта. Голем дел од посетителите долго немаа никакви информации за трагичниот настан што се случи попладнето околу 17 часот и 30 минути. За да не дојде до нова масовна паника, организаторите и надлежните власти решија да дозволат забавата да продолжи до 23 часот. Раководителот на кризниот штаб на градот Дизубург, Волфганг Рабе појаснува:

„По разгледувањето на сите безбедносни аспекти кризниот штаб на градот реши да не ја прекине веднаш забавата. Сакаме таа да заврши мирно и без нова масовна паника. Јавниот сообраќај кон Дуизбург беше прекинат за да спречиме натамошен доток на посетители.“

Многу повеќе посетители отколку што претпоставувала организаторите

Loveparade Duisburg 2010 Massenpanik

Стравични сцени се одигруваа вчера во Дуизбург

Претставник на полицијата во Дуизбург утринава соопшти дека билансот на трагедијата изнесува 19 мртви и 342 повредени. Колкумина од нив имаат потешки повреди, за сега е нејасно.

Од она што до сега се знае, просторот на поранешната товарна железничка станица во Дуизбург бил наменет за не повеќе од 250.000 посетители. Традиционалната „Лав парејд“, годинава меѓутоа привлече дури 1,4 милиони посетители, што организаторите верјатно не го очекувале.

Поради тоа дошло до застој во приодните тунели кон забавата. Под притисокот на масите нови посетители кои сакале да дојдат што побрзо до оградениот простор за забавата, дошло до турканица во двата тунела, при што неколкумина се обиделе да се искачат на оближните ѕидови блиску до излезот од тунелите. Повеќемина од нив паднале назад во масата, при што избила вистинска паника. Раководителот на кризниот штаб Рабе појаснува:

„Според досегашните сознанија околу 17 часот и 14 минути дошло до трагедија кога 15-тина млади се обиделе да се искачат преку ѕидот. Веројатно затоа што тие се обидувале да си помогнат взаемно, паднале сите назад во масата, но во тоа не сум сигурен.“

Loveparade Duisburg 2010 Massenpanik

Тагата е огромна

Кусо потоа во седиштето на кризниот центар во Дуизбург пристигна и премиерот на покраинската влада за Северна Рајна Вестфалија, Ханелоре Крафт, која беше шокирана од трагедијата:

„Бев многу погодена, толку многу млади луѓе кои дојдоа. Сочувствувам со најблиските и со оние кои беа во страшниот настан и се’ уште не можат да го сварат она што го доживеаа.“

Канцеларката Ангела Меркел исто така им изрази сочувство на погодените и нивните најблиски и порача дека е многу погодена од фактот што толку многу млади луѓе дошле да се забавуваат, а наместо тоа се’ завршило со жртви и повредени. И претседателот на државата Кристијан Вулф им изрази сочувство на најблиските на жртвите и повредените и побара детална истрага за инцидентот. На изразите на сочувство им се приклучи и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо.

Автор: Мориц Бемер/ Горан Чутановски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM