1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„То Парон“: Западот допрва ќе ја притиска Грција во спорот со Македонија

Весникот се прашува дали постои координираност меѓу чекорите кои ги преземаат големите сили, истакнувајќи - во грчкото Министерство за надворешни работи сметаат дека притисокот значително ќе се зголемел по Нова година.

Дипломатската офанзива на Скопје со постојани посети на Брисел и европските главни градови кулминираше со интервјуто на премиерот Груевски за „Фајненшл Тајмс“ во кое тој побара од САД, Германија и Франција да извршат притисок врз Грција да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правда и да престане да го болокира членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Ова, како што јави дописникот на МИА од Атина, го пишува грчкиот весник „То Парон“ во текст насловен „Европјаните притискаат да се укине ветото за влез на Скопје во НАТО“. Во текстот се потсетува дека Македонија нема да добие покана за членство во ЕУ и покрај петтата позитивна препорака од Европската комисија, и се тврди дека „Скопје турка во правец на членство во НАТО под привремената референца ФИРОМ на самитот на Алијансата следната година во Велика Британија, а главен поддржувач во Алијансата му е Анкара“.

„Иако Европјаните и Американците не сакаат да ја притискаат кревката влада на Самарас, во последно време има последователни чекори и промени со кои се испраќа порака до Атина оти постои очекување прашањето да се реши што е можно побрзо, затоа што тоа е штетно за западните интереси во регионот и претставува ризик за нестабилност во Македонија. Грчката Влада пак, инсистира на црвените линии и праќа порака дека нема да го укине ветото без решение на прашањето за името“, пишува „То Парон“.

Грчките медиуми не можат да не ги споменат француското разочарување за ќор сокакот во кој се наоѓаат преговорите со посредство на Нимиц, па така и „То Парон“ овој пат потсетува дека Париз од целосен поддржувач на грчката страна, побара прашањето за името брзо да се реши.

Осврнувајќи се и на средбите на Меркел со Нимиц и Самарас, состанокот меѓу Венизелос и Хејг, весникот се прашува дали има координираност меѓу сите овие чекори кои ги преземаат големите светски сили.

Во текстот исто така се потсетува и на разговорот меѓу американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд со грчкиот амбасадор во Вашингтон во кој таа прашала дали има можност за позитивен одговор од страна на Грција за влез на Македонија во НАТО под привремената референца, на што амбасадорот Панајопулос одговорил негативно.

Според весникот, во грчкото Министерство за надворешни работи сметаат дека допрва ќе има директен притисок и зголемување на тензииите, при што дипломатски извори потврдиле дека притисокот значително ќе се зголемел по Нова година.

„Во овој контекст, се смета дека е од клучно значење да се повратат иницијативите на грчката страна, активно да се учествува во јавни дебати за прашањето и можеби да се предложат нови идеи (треба да се спомене дека грчката страна не понудила нови елементи од предлогот на Караманлис во 2007 година), кои ќе му предизвикаат вистински тешкотии на Скопје и ќе покажат сосема јасно која е бескомпромисната страна што попречува секаков напредок, коментира „То Парон“.

Поврзана содржина