1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Топол културен бран

„Топлиот културен бран“ годинава ги „плиска“ македонските граѓани со настапи на филхармонијата, концерт на Б. Ахмети, Л. Полјоска и С. Мустафа, концерти на групите „Мизар“, „Љубојна“ и „Монистра“, изложби...

default

Вториот циклус на манифестацијата „Топол културен бран“, покрената минатата година, стартуваше оваа година на 20 – ти јули и ќе трае до крајот на август. Вкупно во 40 градови во Македонија, повторно со истата цел како и лани – дисперзија на културата во внатрешноста на земјата. Таму каде што гостувањата на македонските културни институции, или културните дејци, се реткост, или ги нема воопшто. Уметниците, ангажирани во манифестацијата и овојпат настапуваат без паричен надомест. Во најшироката јавност, во медиумите, меѓу културните критичари и протагонисти, оценките за „Топлиот културен бран“ се неподелено позитивни.

Тина Иванова, уредник на културната рубрика во дневниот весник „Утрински весник“ од Скопје, смета: „Културата овде е централизирана, односно, се‘ се случува во Скопје. Повеќето од градовите во Македонија немаат ниту домови на култура, а камоли кина, театри, концертни сали. Значи, немаат ниту простор каде да се одржуваат културните настани, но немаат ни интензивно културно живеење. Затоа, сметам дека оваа манифестација ’Топол културен бран’ е повеќе од добредојдена. Во неа се содржани настани, кои би требало да ги задоволуваат вкусовите и апетитите на различни генерации.“

Kultur.21, Kultur 21, DW-TV, Banner, Sendungsselbstdarstellung, Programmclaim, Programclaim

„Недостасува локална културна иницијатива“

„Не треба да се чека само на иницијативите и парите од Министерството за култура, потребно е заживување на културните случувања и во самите локални средини, каде што менаџерите на тамошните културни институции можат да конкурираат и самите за значителни суми пари од европските фондови“, нагласува Велика Стојкова – Серафимовска, етномузиколог во Драмскиот театар од Скопје и надворешен соработник во Центарот за визуелни и културни истражувања во Институтот „Евробалкан“ од Скопје. Таа дополнува: „Сепак, недостасува иницијатива. Во овие помали гратчиња некако како да се ’заспани’ директорите, или сите оние што се организациски структури. Нема интерес кај локалните раководители на тие културни установи, кои можат навистина да направат многу.“

Славчо Данев, директор на Домот на културата во Виница, со одговор: „Ние се обидовме пред две – три години да организираме ’Културно лето’ со концентрација на повеќе културни манифестации. Меѓутоа, немавме посетеност, иако тие манифестации беа бесплатни. Не знам на што се должи тоа: дали на летаргијата кај народот, или на апатијата?“

Уредникот за култура на „Утрински весник“ Тина Иванова заклучува: „Не треба да дозволиме ’Топлиот културен бран’ да постои само колку да постои. Добро би било да постои и ’Студен културен бран’, односно, да има културен живот во текот на целата година, во сите македонски градови. Исто така, добро би било, покрај преместувањето на културните настани од Скопје во внатрешноста, и самите општини, самите градови, да продуцираат културни проекти, кои ќе бидат нивни автентични.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска