1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Топли поздрави од Будимпешта

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски на првиот ден од посетата на Унгарија, доби порака на поддршка за визната либерализација и зачувување на идентитетот во спорот со Грција.

default

Будимпешта

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски, на почетокот на дводневната посета на Унгарија, во Будимпешта разговараше со унгарскиот претседател, Ласло Шојом. По средбата во претседателската палата Шандор, во стариот дел на Будимпешта, Шојом упати јасна порака на поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија. Тој нагласи дека неговата земја нема да дозволи наметнување на дополнителни услови за визната либерализација. Шојом очекува целосна визна либерализација за Македонија во текот на наредната година, за време на претседателството со Унијата од страна на Чешка и Шведска. Македонија, според него, тоа го заслужува, затоа што пред се` ги исполни сите предвидени технички услови.

Mazedonischer Präsident Branko Crvenkovski

Бранко Црвенковски

Во однос на спорот за името со Грција, унгарскиот претседател изјави дека никој нема право да го наметнува идентитетот и јазикот на еден народ. Единствениот компромис што Македонија може да го направи, според него, е да се согласи со компромисно решение за името. Потврда на ваквата позиција на Будимпешта е фактот дека земјата во билатералната комуникација со Македонија, од пред три години, го користи уставното име на земјата.

Слаби економски резултати

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски констатираше дека односите меѓу двете земји се одлични и почиваат врз искрено пријателство и голема почит и поддршка. Сепак, двете страни треба да работат напорно на унапредување и на економската соработка, која досега се одвива на релативно ниско ниво. Надворешно трговската размена меѓу двете земји во последниве неколку години се движи помеѓу 50 и 70 милиони долари. Притоа дефицитот е на македонска страна. Црвенковски смета дека дефицитот не е најголемиот проблем, туку е тоа ниското ниво на размена, кое во наредниот период мора да се зголеми. Ова е прва официјална посета на Црвенковски на Унгарија. Двете земји имаат дипломатски односи од 29 август 1994 година.


Поврзана содржина