1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Топката е кај Меркел!

Гласачите повторно ѝ дадоа доверба на Ангела Меркел и нејзините демохристијани, кои се победници на вечерта. Губитници има повеќе: од либералите и зелените, до СПД која не стаса до целта - да го освои мнозинството.

Овации кај демохристијаните, добро расположение кај социјалдемократите, резигнација кај либералите и зелените, еуфорија кај Партијата на Левицата и Алтернатива за Германија - вакво расположение владееше во партиските централи во првиот час по соопштувањето на првите прогнози за резултатите од парламентарните избори во Германија, по што следеа и првите реакции.

Ангела Меркел, во централата на ЦДУ истакна дека ова е извореден резултат при што им се заблагодари на избирачите кои ѝ ја дадоа довербата на Унијата, но и на многуте пријатели на Унијата, и на својот сопруг.

„Покажавме дека сме народна партија и во наредните години ќе направиме сѐ на Германија да и биде добро. Од утре во нашите партиски органи за сѐ ќе биде разговарано. А да славиме, можеме уште денеска, зашто е сѐ добро сработено“.

Bundestagswahl Reaktion Angela Merkel CDU

Ангела Меркел

И Пер Штајнбрик, предизвикувачот на Меркел од социјалдемократите им се заблагодари на сите сопартијците за извонредната кампања во изминативе недели.

„Им противречам на сите кои рекоа дека кампањата не беше суштинска. Ние разговаравме за политиката и многу граѓани сакаа за тоа да разговараат. Подобро е од 2009, но не нѐ води до целта. Состојбата е нејасна и нема да има шпекулации за тоа што потоа. Топката е кај Меркел, таа треба да обезбеди мнозинство“.

Зигмар Габриел, шефот на СПД, истакна дека секако партијата повеќе очекувала. „Но, и покрај тоа е вистински момент да се каже дека СПД е фер, и ѝ честитаме на Меркел и ЦДУ“ .

Bundestagswahl Reaktion SPD Steinbrück Steinmeier

Пер Штајнбрик и Франк Валтер Штајнмајер

Рајнер Бридерле, шефот на Либералите во безмалку „погребна“ атмосфера во првата реакција истакна: „Ова е тешка вечер. Чекаме уште и се надеваме дека ќе го направиме потребниот исчекор. Јасно е дека е најтежок пораз на ФДП. Ова се тешки часови за либералите.“

Шефот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ Фолкер Каудер не ја криеше радоста за постигнатиот успех на партиите на Унијата, со кој гласачите испратиле јасна порака дека тие треба да ја состават владата. „40 проценти плус никој не ги сметаше за возможни. Имаме јасна порака од гласачите да формираме влада. Резултатот според Каудер покажа дека избирачите сакаат Меркел повторно да биде канцелар“.

Ренате Кинаст од Сојузот 90/Зелени подвлече дека во последните недели многу работи се случиле. „Интерно ќе се анализира, зошто е дојдено и како се случи многу избирачи, кои беа на страната на зелените не ѝ дадоа подршка на партијата. Се ориентиравме кон нешто ново за да добиеме дел од позициите на центарот. Имаме сила, сега е време на анализа“.

Дитмар Барш од левицата се радува дека партијата ќе биде трета сила во Бундестаг. „Задоволни сме. Ако има голема коалиција ние ќе ја водиме опозицијата. Ние денеска можеме да славиме и да сме горди на постигнатото“.