1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тонот на израелската влада кон Техеран станува се’ поостар

Американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс при посетата на Израел ќе разговара околу оспоруваното градење на еврејските населби, но ќе стане збор и за иранската атомска програма.

default

Роберт Гејтс и Ехуд Барак

Професорот Давид Менашри би бил интересен партнер за американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс. Шефот на факултетот за ирански студии во Тел Авив има поинакво мислење од мнозинството во Израел, кога станува збор за иранската атомска програма. „Нема да постигнеме напредок во исполнувањето на израелските интереси, доколку иранската атомска програма стане израелски проблем. Атомската програма не е проблем на Блискиот исток, не е проблем на Саудиска Арабија, Турција или Египет. Од мој агол, тоа е проблем на слободниот свет. Самоволно да се оди против тоа не е од интерес на Израел.“

Benjamin Netanjahu bei der Kabinettssitzung

Премиерот Бенјамин Нетанјаху

Американскиот министер за одбрана Гејтс, при неговата денешна (27.07.2009) шестчасовна посета на Ерусалим, мора да се подготви да чуе и поинакви проценки за ситуацијата на средбите со неговиот ресорен колега Ехуд Барак и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Во слична ситуација најверојатно ќе се најде и американскиот советник за безбедност Џим Џонс, кој во среда ќе допатува во Израел со голем тим. И на неговите средби ќе стане збор за Иран.

Израел започна воени активности во регионот на Суецкиот канал, што треба да имаат ефект на закана за Иран. Професорот Менашри од универзитетот во Тел Авив, меѓутоа, го критикува ваквото ѕвечкање со оружје и нагласува дека развојот во Иран е опасен. Тој е уверен дека опасноста може да се отстрани со воведување меѓународни санкции против режимот во Техеран, вклучување на иранската јавност и променета политика на Израел. Тоа подразбира надминување на проблемите со Палестинците и со арапските држави, што според Менашри многу повеќе би ја ослабело позицијата на Иран, отколку која и да е закана.

Во таа насока оди и новата турнеја на специјалниот пратеник на САД за Блискиот исток, Џорџ Мичел, кој вчера, по средбата со израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак, порача дека САД сакаат да биде воспоставен „глобален мир“ на Блискиот исток, во кој, покрај Израел и Палестинците, ќе бидат вклучени и Сирија и Либан. Тој го потенцираше и барањето на САД за запирање на изградбата на еврејски доселенички населби на автономните палестински територии.

Автор: Торстен Тајхман / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска