1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тони Шулајковски: Секое време е време за творештво

Македонскиот ликовен уметник Тони Шулајковски одбележува 20 години од своето творештво во кои, меѓу другото, запишува 52 самостојни изложби и повеќе од 50 групни изложби.

Во биографијата на Шулајковски влегуваат и наградата „Константин Мазев-Коце“ за сликарство мал формат во 2008 година; изложбите во Берлин, Њујорк, повеќе градови во Србија и Македонија. Неговите дела се дел од многу домови и колекции во светот, а како ликовен педагог е исклучително посветен на своите ученици. За својот јубилеј по првпат во Скопје се претстави со цртежи.

За Дојче веле тој зборува за убавата енергија што сака да ја пренесува преку своите слики, за изгубените општествени и човечки вредности и најавува еден „нов“ во сликарскиот јазик Тони Шулајковски, но за неколку години. „Изминатите години беа „загревање“ за идејата што ја носам долги години, но потребно ми беше поголемо животно искуство, а тоа е многу важно за еден уметник“, ни рече во разговорот Шулајковски.

„Дваесет години и не е некоја голема бројка, но концептите што ги реализирав се добри. Се’ уште сметам дека сум на добар старт за нешто што допрва треба да го реализирам. Мислам дека тоа ќе ме претстави во вистинското светло. Инаку, се стремам да го усовршам моето сликарство. Тоа ќе и’ го откријам на публиката на изложбата што ќе ја реализирам за 3-4 години. Тоа што сакам да го направам е малку поспецифично“, вели уметникот.

Кое чувство ви ги дефинира изминатите 20 години по кои најавувате пресвртница и инспирација за нова ликовна идеја?

„Сега малку ќе забавам. Мора да направам рекапитулација. Искрено, задоволен сум, но не до крај. Идеи секогаш имам, но ми недостигаше повеќе храброст за да ги реализирам. Всушност, ми недостигаше храброст за повеќе слобода во начинот на изразување на идеите, па се надевам дека тоа ќе дојде на виделина. Не се плашам да експериментирам, па така ќе се обидам да работам и изложби на графики“, вели Шулајковски.

Вашите ликовни идеи така концептуално „спакувани“ , се граничат со имагинарното, контемплативното и поетичното (и насловите на изложбите се „Друг свет“, „ Заробеник на страста“, „Средба со тишината“, „Интергалактички реакции“ или „Воздишка за просторот). За разлика од реалноста што Вие ја создавате, како се „справувате“ со ова наше, заедничко секојдневје?

„Многумина ми се чудат кога им велам дека многу работи кои се случуваат во реалниот, надворешниот  свет не допираат до мене. Не ги примам работите кои се лоши и кои негативно влијаат врз мојата психа и расположението. Ме интересираат само работи кои можат да ја облагородат душата. Можеби по природа сум смирен тип и многу сум свесен дека реалноста е една работа, а креативноста друга и дека ми е поубаво кога си живеам во тој – креативниот свет кој потоа сакам да го споделам со публиката.

Јас допирам една друга точка од светот - универзалната енергија што го креира светот и нè поврзува сите нас. Ги пренесувам вибрациите на енергијата - во боја. Оптоварени од секојдневјето луѓето можеби не ја ни забележуваат таа енергија. Јас сакам тој импулс на позитивната движечка енергија што нè спојува сите нас да го пренесам во слика или цртеж и да го споделам со луѓето. Луѓето можеби понекогаш нема да ја разберат сликата, но ја чувствуваат енергијата“.

Proekt Skopje 2014

Шулајковски смета дека е погрешна перцепцијата во јавноста дека сега уметниците живеат супер, благодарение на проектот Скопје 2014

„Скудно“ ли е времево за творештво, уметност или само нема кој да ја прими, разбере, размисли и облагороди?

„Секое време е време за творештво! Барем на овие наши простори секогаш имало креативци. Од материјален аспект тука никогаш немало сатисфакција, но од друга страна тоа и не е поентата на поголемиот број творци. Но, факт е дека авторите биле покреативни и во потешки моменти во државата. За мене околностите не претставуваат некоја голема пречка во создавањето. Дај Боже се’ уште да имам идеи и да можам да ги реализирам! И се надевам дека се’ уште ќе комуницирам со публиката преку моите изложби“, вели сликарот Шулајковски.

Ве жестат ли медиокритетството, површноста, новокомпонираниот дух, ерозијата на системот на човечките вредности? Ни недостига критичност...

„Најголемите недостатоци се во образованието. Поради неинформираност или затајување на нашата интелектуална и креативна јавност, „бомбардирани“ сме со некреативни содржини. Некои содржини се нудат како вредности иако се „тежок“ кич! Како педагог, своите ученици ги советувам да се обидуваат да ја разберат уметноста. Потребна е добра стратегија за младите да се мотивираат да посетуваат концерти, изложби. Така го формираат ставот и кон другите работи во животот. Според мене, човек што ја сака уметноста, не може да биде лош човек!“, вели Шулајковски.

Како опстојува македонската ликовна сцена денес, односно Вашата фела?

„Авторите најмногу се разочарани поради тоа што нивното творештво не е доволно вреднувано. А, тоа влијае и врз креирањето. Штом делото излезе од тебе веќе е полесно! Тоа е „багаж“ од идеи, чувства, од кој мислам дека се ослободив со досегашните изложби. Затоа и многу работам. Сметам дека тоа е голем проблем кај уметниците и треба што почесто да се презентираат пред публиката. Но, сè е на принцип на снаоѓање. Се’ уште немаме систем на менаџирање во уметноста и едуцирани менаџери, кои ќе работат на претставувањето на уметноста и надвор од Македонија, каде пазарот е етаблиран и каде што знам дека има место и за нашите уметници. Идеи не ни недостигаат, но потребни се менаџери кои во уметноста ќе видат интерес. А таа во западните земји е голем бизнис“, вели Шулајковски.

Како гледате на политиката и уметноста ? Оваа првата - сметате дека „метастазирала“, ги контаминира слободата на мислата и искреноста на творештвото?

„Отсекогаш имало автори кои и’ биле симпатични на власта и оние другите. Но, политиката е за политичарите, а уметноста е за уметниците!“, вели тој.

Скромно, се повлекувате во својот свет?

„Јас немам амбиции да учествувам во политиката. Можеби ќе живеам поскромно, но ќе спијам мирно и ќе ја „терам“ својата работа. Политиката е некоја друга приказна, со други идеи и енергија. Не баш креативна. Инаку, во јавноста се создава погрешна слика дека со проектите за градење споменици авторите сега супер живеат. Тоа не е вистинската слика. Уметниците го земаат помалиот дел од колачот“, смета Шулајковски.

Што ќе Ве провоцира и инспирира по изложбата на цртежи „Под дејство на звукот“ во следните 20 години, можеби?

„Собрав доволно храброст за да направам еден исчекор во она што го работам. Делата драстично ќе се разликуваат од она што го работев во изминатите години. Ќе го барам совршенството - во себе. А, тоа ќе го видите на мојата следна изложба. Наместо апстрактниот, малку ќе се навратам на фигуративниот свет. На мој начин...“, вели македонскиот сликар Тони Шулајковски во интервјуто за Дојче веле.