1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Томбола“ за новинарите

По спорната распределба на местата за новинарите за следење на НСУ-процесот, турски весник вложи жалба до Уставниот суд на Германија, со успех. Сега местата се наново распределени, по принцип на извлекување со ждрепка.

Заменикот главен уредник на турскиот весник „Сабах“, Исмаил Ерел е задоволен. Неговиот весник сега ќе може ексклузивно да известува за процесот против десно-екстремистичката терористичка група „Националсоцијалистичко подземје“, кој ќе започне во Вишиот покраински суд на 6 мај во Минхен.

„Се разбира, задоволни сме што имавме среќа при извлекувањето и добивме резервирано место меѓу акредитираните новинари за следење на процесот“, изјави Ерел за ДПА по „лотото“ -вчерашното извлекување на местата за новинарите во судската сала по принцип на среќа.

Тоа што „Сабах“ ќе биде присутен, за многумина изгледа како праведна игра на судбината. Весникот имаше храброст да вложи жалба пред Уставниот суд против првичното акредитирање на новинарите. Минхенскиот Виш покраински суд прво ги подели 50-те резервирани места за новинарите според редоследот на пристигнувањето на барањата. Ниеден турски медиум меѓутоа не бил доволно брз, како и речиси сите странски. Судиите од Уставниот суд затоа пресудија - мора да се резервираат одреден број места за странските, посебно за турските медиуми, зашто најголем дел од жртвите на терористичката група НСУ беа граѓани со турски корени.

Вишиот покраински суд во Минхен во втората постапка на доделување на местата за новинарите следеше комплициран систем на „лото“. Меѓу другото, постоеја различни кутии за печатените медиуми, радиото, телевизиските станици и агенциите. Извлекувањето го надгледуваше нотар.

Колку требаше да се има среќа при „томболата“, покажува само еден детал - на пример за подгрупата „турски публицирани медиуми“ беа резервирани четири места, а конкурираа 36 медиуми. Меѓу оние кои „извисија“ се познати германски медиуми, меѓу кои и такви кои при првото акредитирање добија резервирано место за следење на процесот, како на пример „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Türkische Presse nicht erwünscht, türkische Tageszeitung Hürriyet

Турскиот печат беше полн со критики за првичната распределба на местата за новинарите

„Господ дава и Господ зема“

Резервирано место имаше во првата постапка на делење на местата за новинарите и слободниот новинар Мартин Лејеуне. Но, при вчерашната „томбола“, немаше среќа. Кратко по објавувањето на резултатите, тој преку својот адвокат вложи жалба до Уставниот суд.

Уште одамна постои општа критика поради тоа што судската сала во Минхен е премала за медиумскиот интерес за процесот во светски рамки. Вишиот покраински суд во Минхен меѓутоа одби видеопренос на судењето во друга сала, во што Уставниот суд му даде право.

Во жалбата на слободниот новинар, како и на онаа на весникот „Тагесцајтунг“ стои дека со анулирањето на првиот круг на акредитирањето, е направена неправда и повреда на правото на информации на печатот, загарантирана во Уставот. Судиите, стои во тужбата, не можат да водат постапка под мотото „Господ даде, Господ зеде“.

Но, изгледите за успех на жалба на оние „среќните“ кои добија резервирано место во салата за новинари првиот пат, а при принципот на извлекување по случаен избор останаа со кратки ракави, се мали.

Овојпат медиумите можат да ги отстапуваат местата

Поголемите германски медиуми пред „томболата“ се организираа и конкурираа заеднички, за да ги зголемат шансите за успех. За разлика од првиот пат, овојпат е дозволена и соработка меѓу медиумите. Така, секој акредитиран новинар, може да го заземе местото на медиум кој добил резервирано место, во договор со него.

Martin Lejeune

Мартин Лејеуне

За многу медиуми тоа е прифатлив компромис, за слободниот новинар Лејеуне меѓутоа, - не.

Зашто, заинтересираните финаниски силни медиуми без добиено резервирано место во судската сала можат да дојдат на идеја во договор со трет во вистинска смисла на зборот-да си купат резервирано место.

Оваа помисла, барем теоретски, не е без основа. Во првата постапка беше невозможно отстапување на резервираното место на друг акредитиран новинар. Бројни медиуми тогаш во знак на солидарност беа подготвени да им ги отстапат резервираните места на турските колеги. Така, весникот „Абенцајтунг“ радо ќе го отстапеше на „Сабах“, но Вишиот покраински суд тоа не го дозволи. При втората постапка со „лото“, ситуацијата е обратна, „Сабах“ имаше среќа, „Абенцајтунг“-не. Затоа, турскиот весник најави соработка со „Збенцајтунг“ за време на процесот против терористичката група „Националсоцијалистичко подземје“.

„Тоа им го должиме на колегите“, изајви заменикот главен уредник Исмаил Ерел.